| четврток, 6 декември 2018 |

Македонска делегација на аудиенција кај папата во Ватикан

Традиционалните човекови и семејни вредности, меѓу кои многудетното семејество и бракот, како и мигрантската криза беа во фокусот на разговорите на денешната получасовна средба во Ватикан на неговата светост папата Франциск со претседателот на Собранието на Република Македонија Трајко Вељаноски, кој ја предводи државната делегација на одбележувањето на традиционалната манифестација „Македонија во чест на свети Кирил“.

Screenshot

Претседателот на Собранието Вељаноски го поканил, а папата Франциск изразил подготвеност да ја посети Македонија, при што истакнал дека секогаш во неговата агенда е посета на мали држави за да испрати порака во светот за поголема соработка и сплотеност меѓу народите.

Длабока резба со флора и фауна од Македонија и митра со охридски бисери рачно изработена изработена во манастирот Рајчица, му подари Вељаноски на папата Франциск, додека уметничко дело кое симболизира сплотеност му беше врачено на претседателот на Собранието на Република Македонија.

Клучна тема на која разговарале на средбата со монсињор Пјетро Паролин, државен секретар на Светата Столица во Ватикан била мигрантската криза и состојбата на јужната граница.

Во Базиликата „Санта Марија Маџоре“, неговото блаженство арихиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, во присуство на членовите на државната делегација, како и на монсинјор Киро Стојанов, ја освети Спомен-плочата на благодарност на македонскиот народ за делото на сесловенските просветители Кирил и Методиј, поставена во март оваа година.

– Големите свети браќа го нашле вистинското оружје, го нашле најдобриот начин како да ги просветат словенските народи, а тоа оружје бил токму јазикот кој бил разбирлив, јазикот на кој тие богослужеле. Тој јазик еве скоро кај сите словенски народи опстојува и денес, а секогаш  во македонскиот народ и во МПЦ како богослужбен јазик, изјави по осветувањето на плочата г.г. Стефан.

Инаку, во Рим од 1960 година традиционално се одбележува овој празник со посета на државна делегација од Македонија која се поклонува на гробот на сесловенскиот просветител свети Кирил во црквата „Св. Климент“, а поглаварот на Македонската православна црква чиноначалствува со молебен на гробот на Св. Кирил.

Во 11. век црквата го прогласила 24 мај (11 мај по стар стил) за ден на светите просветители Кирил и Методиј. Денот во Македонија прв пат бил одбележан на 11 мај 1860 година во црквата Св. Богородица во Скопје.

Датумот е избран бидејќи го означува датумот кога започнала Моравската мисија.

Оваа година прв пат, аудиенцијата  се одржува на 16 мај, поради обврски на папата Франциск.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top