| четврток, 6 декември 2018 |

Алдес и Один, театри кои разоткрија нови светови на МНТ-фест

Вчеравечер во рамките на МНТ-ФЕСТ во Македонскиот народен театар беше прикажана ексклузивната проекцијата на филмот „Земјата каде што дрвјата летаат, Еуџенио Барба и годишнината на Один“ во режија на Давиде Берлети и Јакопо Квадри и изведбата на танцувачката претстава „Во темната кружиме ноќ и нè голтаат јазици пламни“, на театарот Алдес од Лука, Италија.

dbceca10-ecb4-4ca2-8659-690eef1738a1

Филмот беше можност публиката визуелно да се пресели во тивката данска внатрешност и да присуствува на подготвката на прославата на педесетгодишнината на „Один театарот“ истражувачкиот театар под раководство на Еуџенио Барба. Тоа е театар кој ги смени координатите на изведувачките уметности на втората половина на дваесеттиот век и ја збогати својата азбука преку светските сценски култури. На публиката и беше овозможено да се запознае со културите и географските простори на Кенија, Бали, Бразил и Европа преку групи деца, млади и уметници кои во градот Холстебро работат со акробации, музика и гласови. Тука се со една цел: да внесат нова енергија во едногласен настан, под ревносниот надзор на босоногиот и белокос режисер. Филмот зборува за Один театрет – безвременска заедница, со визионерска струја и бескомпромисно секојдневие, сплет од диви човечки природи, решителност, интуиција, парадокси и хоризонти. А, преку тоа и за актерите кои истовремено се и ѕидари и кројачи и организатори, градоначалник кој е и поштар и интелектуалец, режисер кој е и заварувач и дрвосечач, фарма која станува театар – универзалната вредност на уметноста. Тоа е подготовка за прослава – која вметнува племенски ритми и западна класика во забавната потрага по заеднички јазик – и упатува на можноста на театарот да ги меша небото и земјата, меѓу регенеративните огнови и дрвјата што летаат.

1780ca9a-59bc-4234-a114-a782b7049e0e

Оригиналниот наслов на танцувачката претстава „Во темната кружиме ноќ и нè голтаат јазици пламни“, на театарот Алдес од Лука, Италија: „In girum imus nocte (et consumimir igni) претставува загадочен латински палиндром, кој и Ги Дебор го избра за наслов на својот прочуен филм од 1978 година. Четворицата танчери и актери Маријано Ниеду, Стефано Квестори, Џизелда Раниери и Ирене Русолило, понесени од грубата црно-бела и хипнотичка музика содаваа микроприказни кои беа помеѓу филмот, танцот и театарот. Осветлени со студена светлина од видеопроектор што ги одмерува просторите, времињата и структурите, темното црнило на нивните костими создаде провидни ликови на безвременско минато во кое живее едно изгубено човештво што граби напред и се прпела со пргави, емотивни и хаотични движења, и покрај истоштеноста; додека пулсирачкиот ритам постапно го пренесува човека во една хипнотичка димензија и во речиси физичко сочувство со заморот на изведувачите. Режисерот Роберто Кастело ја разоткрива токму нерешителноста на еден целосно остварен свет. На сцената создава танцово ремек-дело кое со трогателна динамика го проучува човечкото тело, збир од положби на четворица изведувачи постојано затекнати во пози и фигури на работ на можностите, секогаш во променливи светлосни простори; и стварност на една секојдневна борба, само за да се пристигне последен. Настојчивиот почеток на претставата беше неверојатен: положбата на телата, одењето во празно, натежнатите погледи се трагичниот симбол на вечното враќање на сегашноста.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top