Денеска, недела, 15 мај во 19 часот, на сцената на Македонскиот народен театар (МНТ) во склоп на МНТ-Фест ќе се игра извонредната претстава „Во темната кружиме ноќ и нè голтаат јазици пламни“, на театарот „Алдес“ од Лука.
Неговиот оригинален наслов In girum imus nocte (et consumimir igni) претставува загадочен латински палиндром, кој и Ги Дебор го избра за наслов на својот прочуен филм од 1978 година. Кореографијата е на Роберто Кастело.
Црно-белото и хипнотичката музика се местото во кое се редат микроприказните на оваа перипатетичка ноќна претстава која е меѓу филмот, танцот и театарот. Осветлена со студена светлина од видеопроектор што ги одмерува просторите, времињата и структурите, црнината на костимите ги прави ликовите проѕирни и ги трансформира во безвременско минато во кое живее изгубено човештво што граби напред и се прпелка со пргави, емотивни и хаотични движења, и покрај истоштеноста и на работ на трансот.
Настапуваат: Маријано Ниеду, Стефано Квестори, Џизелда Раниери, Ирене Русолило.
За танцовиот театар на билетарницата на МНТ од 16 часот секој гледач ќе може да подигне по два гратис билета. Бројот на билетите е ограничен.
Во 21.00 часот е проекцијата на филмот „Земјата каде што дрвјата летаат (Еуџенио Барба и годишнината на Один)“ во режија на Давиде Барлети и Јакопо Квадри. Филмот зборува за прославата во Холстебро на педесетгодишнината на „Один театрет“, истражувачкиот театар, која под раководство на Еуџенио Барба ги смени координатите на изведувачките уметности на втората половина на дваесеттиот век збогатувајќи ја својата азбука преку светските сценски култури.
За проекцијата на филмот вечерва од 19 часот на билетарницата на МНТ секој гледач ќе може да подигне по два гратис билета. Бројот на билетите е ограничен, известија од Македонскиот народен театар.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.