-Не сакав Бранко Црвенковски да поднесе оставка за да ја објавам својата кандидатура. Сите останати чекаа да видат дали Црвенковски ќе се кандидира или ќе се повлече. За разлика од нив јас тоа го сторив еден ден по првиот круг на Локалните избори во интервју дадено за „Република“ – вели Кире Наумов, ексдиректор на Агенцијата за разузнавање и кандидат за претседателската фотелја во СДСМ.
Тој својата кандидатура официјално ќе ја објави на прес-конференција.
-Го чекав официјалното соопштение од Централниот одбор по што му испратив официјално барање на Генералниот секретар да ми достави список на делегадите и во понеделник официјално ќе ја објавам кандидатурата. Доколку останатите кандидати го користат прес-центарот на партијата и јас таму ќе оддржам прес. Доколку не, тоа ќе го сторам од мојот штаб кој сега го формирам – изјави Наумов.
И Зоран Заев, потпретседателот на партијата, потврди дека ќе се кандидира за претседател на СДСМ на закажаниот конгрес на 2 јуни во Скопје. Радмила Шеќеринска ќе ја поддржи неговата кандидатура. Се јави и Игор Ивановски Шема, кој изјави дека ќе стане кандидат за лидер на СДСМ со програма за темелни промени и современ тим за победи.
-Ни треба современ менаџмент и концепт и здрава екипа и тим што ќе испорачува победи. Ако се прифати тој победнички концепт, ќе оставам членството да одлучи кој човек и тим најдобро ќе го спроведат новиот концепт – изјави Ивановски за НОВА.
Во трка за лидерската позиција на СДСМ влегува и Зоран Јовановски, кој ја има поддршката од Гордан Георгиев и од Ана Павловска- Данева.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.