Под кардиоваскуларни болести се подразбира заболување на срцето и на крвните садови, и на артериските и на венските крвни садови. Кога се вели кардиоваскуларни заболувања се мисли на артериосклерозата, која во суштина е процес на стареење на крвните садови каде што постојано има таложење на маснотии во крвните садови. Во зависност од тоа која регија и кои крвни садови се зафатени, ќе настане и заболувањето. Карактеристично е тоа што сите имаат слични причинители, слични механизми на настанување и сличен третман. Кардиоваскуларните болести се убиец број еден кај човекот. Повеќе од 17 милиони луѓе во светот умираат годишно како последица на срцевите заболувања, велат статистиките. Овие болести ги напаѓаат луѓето кои се во полна работна сила.
За да се превенираат овие болести и за да се спречи најмалку посакуваниот исход, може да се направат неколку теста и навреме да се реагира. Еден од нив е и коронарен стрес-тест, кој претставува дијагностичка процедура за дијагностицирање, евалуација и за лекување на пациентите со суспектна или со веќе дијагностицирана кардиоваскуларна болест, особено коронарната артериска болест, вели д-р Лидија Паланова, специјалист по интерна медицина – кардиолог во првата приватна општа болница „Ремедика“.
Што претставува коронарниот стрес-тест и на кои пациенти им се препорачува да го направат?
ПАЛАНОВА: Коронарен стрес-тест (КСТ) или популарно наречен, ергометриски тест, претставува дијагностичка процедура за дијагностицирање, евалуација и за лекување на пациентите со суспектна или со веќе дијагностицирана кардиоваскуларна болест, особено коронарната артериска болест. Претставува тест на физичко оптоварување, кој се изведува во неколку фази според однапред одредена процедура.
Кој го индицира и како се изведува тестот?
ПАЛАНОВА: Секој коронарен стрес-тест треба да биде индициран од доктор специјалист интернист-кардиолог. Тестот се изведува на подвижна лента по стандардизиран протокол по методот на Брус. Пациентот преку електроди се следи на екран при што му се мерат виталните параметри: артерискиот крвен притисок, пулсот и ЕКГ.
Инаку, се препорачува стрес-тест да направат сите пациенти со нејасна градна болка, со промени во рутинското ЕКГ, потоа пациентите со аритмија и со зголемен крвен притисок.
Што треба да знае пациентот пред изведување на тестот?
ПАЛАНОВА: Коронарниот стрес-тест е безбедна, неинвазивна дијагостичка метода. Сепак, секој пациент пред изведувањето на тестот треба да биде запознаен со податоците за процедурата на тестирањето, за можните компликации во смисла на пад на артерискиот крвен притисок, вртоглавица и колапсна состојба. Доколку се работи за пациенти кои се дијабетичари, хипертоничари или срцеви болни, задолжително треба да ја испијат пропишаната терапија. Пациентите треба два часа пред изведување на тестот да бидат на лесна храна. Доколку пациентот чувствува какви било тегоби (замор, малаксаност, срцебиење, отежнато дишење, стегање и, или, болка во градите или болка во кој било дел од телото) пред започнување на тестот е должен да го извести докторот што го води тестот.
Сè повеќе има пациенти кои се жалат на кардиоваскуларните болести уште пред да навршат 40 години. Зошто се поместува таа граница?
ПАЛАНОВА: Кардиоваскуларните заболувања во последните декади сè почесто се јавуваат и кај помладата популација, односно пред да навршат 40 години. Ова е, секако, резултат на современиот начин на живот кој е преполн со стресови, на нездравите навики како што е пушењето и немањето физичка активност. Брзата храна која е преполна со маснотии, исто така, е голем фактор за појавата на кардиоваскуларните заболувања.
На кои пациенти им се препорачува да носат холтер за притисок? Како се изведува процедурата?
ПАЛАНОВА: Процедурата се изведува на тој начин што на пaциентот околу појасот му се монтира апаратчето кое е во големина на еден мобилен телефон и истото се поврзува со манжетна која се става на надлактицата на пациентот. Самиот апарат компјутерски е програмиран на половина час да ги мери артерискиот крвен притисок и пулсот, а потоа добиените вредности компјутерски се обработуваат и се анализираат при што се добива графички приказ на добиените вредности. Од направената анализа добиваме увид во дневно-ноќните варијации на артерискиот крвен притисок, пулсот, средната вредност на артерискиот крвен притисок.
Кои се индикациите за изведување на оваа дијагностичка процедура?
ПАЛАНОВА: Во повеќе земји во светот оваа дијагностичка процедура е рутинска во поставувањето на дијагнозата на самата болест – хипертензија. Кај нас, исто така, најчеста индикација е дијагностицирање на самата болест, при што се избегнува феноменот на бел мантил (скок на артерискиот крвен притисок во лекарските ординации), нерегулирана артериска хипертензија, како и целисходноста на дадената антихипертензивна терапија.
Кои се факторите на ризик за коронарна артерискаболест?
ПАЛАНОВА: Најчести ризични фактори во нашата средина се вишокот на телесна тежина, односно дебелината, недостатокот на физичка активност, пушењето, зголемените маснотии во крвта, покачен артериски крвен притисок и континуираниот стрес кој е наше секојдневје. Колку бројот на ризичните фактори е поголем, толку е поголема и можноста за развој на коронарна артериска болест. Присуството на некој од овие ризични фактори алармираат веднаш да се преземат соодветни мерки за да се избегне појавата на ова заболување. За среќа, ние можеме да влијаеме на овие ризични фактори; доволно е само да ги смениме животните навики. Во последниве години многу се зборува за разни медицински диети, но најважно од сè е храната што ја консумираме да е разновидна, но пониско калорична, немасна, да се избегнува брзата храна а да се консумираат големи количини свежи салати, овошје и зеленчук. Престанокот на пушење и редовните прошетки во природата треба да бидат наше секојдневје. Лицата што се во т.н. континуиран стрес можат да се обидат со разни ментални вежби од типот на јога, потоа пилатес, а дури потоа седативи.
На кои пациенти им е потребно да им биде вграден стент?
ПАЛАНОВА: Кај пациентите кај кои со интервентна кардиолошка дијагностика, односно, со коронарна артериографија ќе се докаже постоење на стеснување на крвниот сад, веднаш се интервенира со вградување на стент кој ќе ја овозможи проодливоста на крвниот сад.
Разговараше: Александра М. Бундалевска
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
По смената на власта: Сашко Кедев вратен на позиција од пред 25 години
-
Врвен кардиолог доживеал срцев удар во 52 година: Немав ниеден симптом,тоа утро се чуствував добро!
-
Британски кардиолог: Мастите го чуваат здравјето, еве што не дебелее
-
Професор Отљанска: Младите се почесто страдаат од хипертензија