Расте бројот на млади луѓе во Македонија што имаат покачен крвен притисок, односно хипертензија. Тоа не е тренд само кај нас, туку и во светот. Стрес, лоши навики во исхраната, помалку физичка активност, а повеќе пред компјутер, како и генетиката, можат да бидат причина за појава на хипертензија.
– Во последните европски препораки за третман на артериска хипертензија значаен акцент се дава на нефарколошкиот третман на хипертензијата, односно промена на животните навики, од аспект на превенција и третман на артериската хипертензија – вели професор д-р Магдалена Отљанска, специјалист кардиолог на Клиниката за кардиологија во Скопје.
Таа објаснува дека дел од пациентите со зголемен крвен притисок се асимптоматски, односно немаат никакви тегоби , не се обраќаат на лекарски преглед и кај нив дијагнозата се поставува случајно, во тек на рутински преглед. Но, овие пациенти имаат поголем ризик од несакани случувања поради ненавременото дијагностицирање на хипертензијата.
Хипертензијата до неодамна се поврзуваше со повозрасните луѓе, но денес, високиот крвен притисок станува секојдневие и на помладите. Како се доведовме до оваа ситуација?
ОТЉАНСКА: Хипертензијата или покачениот крвен притисок е заболување што е поврзано со зголемен кардиоваскуларен морбидитет и морталитет со преваленцијата од 30 до 45 отсто на европско ниво, а, секако, и кај нас. Стапката на хипертензијата во последните декади достигнува епидемиски размери, за жал опфаќајќи ја и помладата популација. Повеќе од 90 отсто од младите луѓе имаат примарна есенцијална хипертензија, често асоцирана со фамилијарна историја за покачен крвен притисок (еден или двата родитела имаат хипертензија). Зголемената телесна тежина го зголемува ризикот за развој на хипертензија кај помладата популација, секако и стресниот начин на живот има свое влијание.
Кои се симптомите што нѐ предупредуваат дека станува збор за зголемен крвен притисок?
ОТЉАНСКА: Дел од пациентите со зголемен крвен притисок се асимптоматски, односно немаат никакви тегоби , не се обраќаат на лекарски преглед и кај нив дијагнозата се поставува случајно, во тек на рутински преглед. Овие пациенти имаат поголем ризик од несакани случувања поради не навременото дијагностицирање на хипертензијата. Најчести симптоми што се поврзани со зголемениот крвен притисок се главоболка, вртоглавица, стегање во тилот, брмчење во уши, нагон за повраќање, градна болка и, секако, при многу високи вредности на крвен притисок тегобите се поизразени и може да се асоцирани со животозагрозувачки состојби.
Често и промената на времето влијае на притисокот. Дали сите пациенти со висок крвен притисок реагираат на промената на времето?
ОТЉАНСКА: Генерално, не може да кажеме дека сите пациенти реагираат на временските промени, тоа е индивидуално. Начелно, пониската надворешна температура може да доведе до повисоки вредности на крвен притисок. Обично, во зимските месеци пациентите внесуваат поголема количина солена и масна храна, физички се помалку активни и поголема е можноста за неконтролиран крвен притисок.
Откако кардиолог ќе препише терапија за пациентот што има хипертензија, дали тоа значи дека таа терапија ќе ја прима до крајот на животот?
ОТЉАНСКА: Главно, да, кај пациентите со примарна есенцијална хипертензија, терапијата е доживотна. Важен е степенот на хипертензијата, како и колку пациентот има желба да ги смени своите животни навики,а со тоа постои можност за исклучување на еден од антихипертензивните лекови или намалување на дозите .Кај помладата популација, каде што стресот е причина за покачениот крвен притисок, антихипертензивна терапија може да биде за одреден временски период и откако крвниот притисок е контролиран може да се прекине терапијата со натамошно следење на пациентот. Новиот тераписки пристап на хипертензивните пациенти со применета на фикснодозни комбинации на лекови (кога во една таблетка има два или три лека) им го намалува бројот на таблетките што треба да ги земат, а со тоа ја зголемуваат можноста за редовно земање на терапијата. Лекарот е должен да му објасни на пациентот за можните компликации од нередовното земање на антихипертензивна терапија.
Што треба пациент со хипертензија да смени во својот животен стил?
ОТЉАНСКА: Во исхраната да биде контролирано внесувањето сол, мрсната храна, да се внимава на телесната тежина, секојдневна физичка активност, помалку седење на компјутер, спортување. Во последните европски препораки за третман на артериска хипертензија значаен акцент се дава на нефарколошкиот третман на хипертензијата, односно промена на животните навики, од аспект на превенција и третман на артериската хипертензија.
Колку години има најмалиот пациент со хипертензија што се лекувал на Клиниката на кардиологија? Постои ли таква статистика и има ли регистар за такви пациенти?
ОТЉАНСКА: Пациентите до 14 години се третираат на Клиниката за детски болести, додека над 14 години на Универзитетската клиника за кардиологија. Засега нема регистар, што не значи дека во иднина нема да се направи. Биле хоспитализирани помлади пациенти од 17 години, но со секундарна форма на хипертензија.
Можат ли пациентите со хипертензија да имаат долг, квалитетен и исполнителен живот?
ОТЉАНСКА: Да, секако, пациентите кај кои е дијагностицирана хипертензијата со комплетна евалуација на пациентот, неговиот профил на ризик, соодветен тераписки пристап, комплетно иследување и следење имаат помала можност за несакани случувања, а, секако, и навременото и редовно земање на антихипертензивната терапија ги превенира оштетувањата на органите и обезбедува долг и квалитетен живот.
Разговараше: Александра М. Бундалевска
Фото: Дејан Станчевски
(интервјуто е објавено во 237. број на неделникор Република кој излезе во печат на 17.3.2017 година)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Најавен студентски протест во Битола на „Млади за Македонија“: Во каква држава ќе живееме, од нас зависи!
-
По смената на власта: Сашко Кедев вратен на позиција од пред 25 години
-
Врвен кардиолог доживеал срцев удар во 52 година: Немав ниеден симптом,тоа утро се чуствував добро!
-
Владата не реализирала ниту еден проект за младите