Неретко сме слушале дека мастите се штетни за здравјето, затоа што ги затнуваат артериите, го зголемуваат ризикот од срцеви заболувања, предизвикуваат дебелина … Но, британскиот кардиолог др. Асем Малхотра го тврди токму спротивното.
Имено, новите истражувања покажуваат дека непријателот број еден на вашето тело – е шеќерот. Покрај тоа, др. Малхотра тврди дека полномасните производи се добри за здравјето и дека има доволно докази кои покажуваат дека тие не само што не доведуваат до проблеми со срцето, туку дека токму исхраната која вклучува полномасни млечни производи штити од срцеви заболувања и дијабетес тип 2.
Малхотра ги поттикнува своите пациенти да јадат масти, но да ги избегнуваат “лајт” производите.
– Им советувам да јадат полномасни производи и храна што содржи заситени масти. Кога уште ќе им напомнам да се држат настрана од сѐто она што наводно го намалува холестеролот, ме гледаат со отворена уста, вели кардиологот.
Тој, исто така, објаснил дека сите производи кои наводно го намалуваат холестеролот го зголемуваат ризикот од срцеви заболувања и додава дека маснотијата не е (главен) виновник за дебелината.
– Ги избегнував полномасните производи, тренирав, но сепак имав масти на стомакот. Тогаш почнав да го истражувам влијанието на маснотиите врз здравјето, вели лекарот.
Тој тврди дека најголема опасност за здравјето е шеќерот, а со него се согласува и професор педијатар др Роберт Лустиг. Тој, исто така, го проучувал влијанието на маснотиите и шеќерите врз дебелината кај децата, и заклучил дека производите кои содржат шеќер би требало да имаат истакнати предупредувања, како што имаат цигарите или некои алкохолни пијалаци. Сѐповеќе има експерти кои веруваат дека, главниот виновник за прекумерната тежина и една цела низа поврзани болести, не се мастите, туку шеќерот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.