Кога животот ви е отиден во тунелот на ужасот од кој не го гледате светлото што го означува крајот на страданието, секоја пројава на човечка злоба дејствува толку небитно и фриволно што честопати знае дури и да ве засмее и да подејствува терапевтски на вашата душа. Понекогаш дури мислам дека овие злобници што висат на мрежата како мајмуни на гранките од дождовните шуми и врескаат со целото свое незадоволство, на еден несвесен начин дејствуваат исцелително. Сѐ е во споредбата. Гледајќи ја нивната, честопати неоснована, нервоза и таа страшна грдотија што избива од нивната внатрешност, човек безусловно се утешува среќен што не е дел од нивната одвратна дружина. Таа духовна и креативна импотентност, таа фрустрација и тој простотилак, често знае да иницира спротивни процеси од процесите што сакаат да ги иницираат со својата нефункционална и воедно злобно настроена волја. Но, како што велат мудрите, клин со клин се избива. И тамам ќе ве опфати сентиментот на очајот, еве ви го повторно стариот мизерен Кловн-Бозо од пазувите на својот пандемониум, како целиот исполнет со лудачка омраза јуриша на крилјата на својата простачка скрибоманија кон виртуелните ветерници на неговата болна имагинација.
Готама Буда во една пригода ќе рече дека човекот го гледа она што го носи во себеси. Никогаш оваа мудрост не сум ја почуствувал појако во животот. И навистина, човекот што греел со децении административни фотелји во својство на партиски апаратчик и кој оставил зад себе бројни нерасветлени криминални афери, еве сега се нафрла врз другите и обвинува за сето она што овој Остап Бендер, овој ситен подмолен измамник, го правел во своите дни, пред да биде исфрлен од административната фотелја со неколку прецизни, но понижувачки клоци и заакан во зоните на немоќта и очајот. Но, ете овој господин, кој овде ќе го наречам Апал Евра, е здрав, наскоро ќе стигне и пензијата, а потоа може и малку да се смири. Смирението и хармонијата на душата е најдобрата состојба што човек може да ја има во овој живот. Затоа, еве му порачувам на овој несреќник по име Апал Евра да се приклони кон овие препораки и да се обиде да направи барем по зрели години, нешто етично, нешто креативно и корисно за него самиот, но и за општеството од кое во свое време издрпал многу пари, но и лажовен статус. Време е за соочување со себеси, со својата суета, со својот бес, со својот простотилак. Овој веќе здодевен поради својата неинвентивност Бозо, по име Апал Евра, се труди со целата своја импотенција во морална и интелектуална смисла да произведе случај за властите наместо да биде среќен што не е во затвор поради своите бројни криминални дејанија и проневери додека администрирал во системот. Сепак, неосуден арамија е поголем од кадија.
Овој несреќен Кловн-Бозо, по име Апал Евра, има и интелектуални претензии што слатко ме засмејува, па инспириран од цитатологијата на својот шизофрен и мултиидентитетски партиски другар цитира, еве за и тој да покаже дека не е дисконектиран од помодарските трендови. Настрана што цитатите му се надвор од контекст, а неговиот стил не може никако да ги конектира со неговиот груб, вулгарен и простачки начин на изразување. „Видела жабата како се потковуваат коњи, па и таа дигнала нога“. Сепак, тука недостигаат години едукација што нашиов Бозо ги потрошил на ласцивни авантури и затупувачко вртење карти на компјутерот. Значи, неговите скрибомански обиди не се дораснати ни на критичките и литерарните обиди на некој осмоодделенец.
Ете вакви кловнови ја упропастувале македонската култура, а сега кога некој сака нешто да сработи и да се однесува коректно и етички, овој господин со перфориран морал по име Апал Евра излетува од своето депресивно дувло и се обидува да изгризе сѐ наоколу како бесен пес. Сепак, во име на демократијата никој не ни помислил да му стави кожена кошница на муцката од која течат лиги на општествено-политичкото беснило.
Конечно, овој Бозо со уметничко име Апал Евра е само типичен пример за одредени узурпатори на народните пари и политичките моќи кои ги имало и премногу во периодот на едноумието, а кои подмолно се провлекуваа во системот сѐ до пред половина деценија кога се конечно обезвластени и фрлени на маргините на политичко-општествените ингеренции. На некој начин ми е жал за овој несреќен циркуски Бозо, но еднаш, сепак, мора да се стави крај на штетниците.
*(Колумните на Адрапо Спараи ќе бидат објавувани секој петок)
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.