На малата сцена на Македонскиот народен театар вечер премиерно ќе биде изведена камерната претстава „Брачна игра“ по текст на Едвард Олби, која е прва режија на актерот Тони Михајловски. Играат Весна Петрушевска и Игор Џамбазов кој на сцената се враќа по седумгодишна пауза.
– Олби е многу комплексен човек кој прави таква вивисекција на бракот, во која сите ќе ги препознаеме своите приказни, своите брачни игри, брачните игри на нашите соседи, роднини, пријатели и оние кои ги познаваме. Оваа претстава сигурно нема да ве фасцинира со својот изглед, со своето пакување, бидејќи суштината на претставата е брачната игра. И тоа е поврзувањето помеѓу нашата професија и оваа претстава – актерската игра и брачната игра. Весна и Игор го прават тоа на нивни соодветен начин, маестрален според мене. Режијата не може да каже многу во оваа претстава, најмногу кажуваат актерите, односно нивната актерска игра, истакна режисерот и уметнички директор на МНТ Михајловски на прес-конференција.
Весна Петрушевска (која ја игра Џилијан) рече дека имале тежок и макотрпен процес на подготовка на претставата во кој Михајловски ги натерал да проникнат и низ самите себеси, што за нив било напорно темпо – и од физички и од психолошки аспект.
– Да се потсетиме што се сме правеле, кои се компромиси сме морале да ги издржиме во нашите бракови, затоа што имаме по еден зад себе. И, ако тргнеме од тоа дека бракот е основна клетка на едно општество, на едно социјално живеење, каде што се треба да функционира беспрекорно, овде публиката ќе види како е се дисфункционално, како некои работи сте ги премолчиле, па можеби ќе ви биде криво што сте ги премолчиле. Овде се обидовме да го играме бракот онака како што, најверојатно, 90 проценти го играат бракот – со многу тајни, со многу вистини и со многу лаги, рече Петрушевска.
Игор Џамбазов (кој ќе го игра Џек) е задоволен што се враќа по 6-7 години во театар и што ќе го гледаат и нови генерации. Кажа по што ќе ја памети „Брачна игра“.
– Прво, дека сум бил во право кога сум одлучил дека нема да се женам вторпат. Овие трауми што ги доживував сега, во неколкуте месеци работа, ми направија реминисценција на се она што мене ми се случувало кога сум бил во брак, рече Игор. Второто нешто по кое ќе ја памети претставата е дека е таа прва режија на неговиот дамнешен пријател Тони. – Сигурен сум дека ќе биде многу подобар режисер отколку актер, рече Џамбазов, додавајаќи и дека не се сеќава некогаш за некоја претстава еден месец пред премиерата да биле готови комплетно костимите, декорот и музиката, како што се случило за „Брачна игра“.
Костимите ги изработи Модното студио Елена Лука, сценограф е Илина Ангеловска, а изборот на музиката е на Петрушевска и Џамбазов. Првата реприза на „Брачна игра“ е ден по премиерата, односно во понеделник, 9 мај.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.