Ракометарите на Вардар во походот кон одбраната на титулата делуваат незапирливо и за само три дена остварија три победа. Откако се намачија со Металург и го декласираа тимот на Макс Струмица, вечерва на домашен терен славеа уште една убедлива победа овојпат над тимот на Прилеп 2010 со 49-24.
За Вардар ова беше петта победа од исто толку натпревари на домашна сцена, зацврстувајќи се на врвот од суперлигашката табела со 15 бодови. Разликата во класа беше очигледна, а дефинитивен клуч на мечот стави серијата 7-0 со која „црвено-црните“ дојдоа до првата двоцифрена предност на средбата (23-11), која до крајот само ја зголемуваа.
Алекс Душебаев со седум погодоци и Тимур Дибиров со шест гола беа најпрецизни во составот на Вардар. Кај гостите, Секулиќ и Талевски беа најефикасни со четири прецизни удари во противничката мрежа.
Следниот дуел за Вардар во Суперлигата е против Охрид на домашен терен на 11 мај, што ќе биде своевидна увертира за пресметката со истиот противник во полуфиналето од Купот на Македонија, но овој пат на негов терен на 14. мај.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.