Изложба „Recurring Landscapes“ на хрватските уметници Дамир Жижиќ и Кристијан Кожул ќе биде отворена утре напладне во објектот на Националната галерија на Македонија, Чифте Амам.
Изложбата се состои од неколку инсталации произведени наменски за просторот на Чифте Амам, кои произлегуваат од неодамнешната работа и интереси на уметниците. Изложбата го истражува феноменот на подоброто претставување и генеричкото искуство, кои се од централно значење за трансформирање на менталниот приказ под влијание на глобалниот пазар и маркетинг индустријата.
Делата на Жижиќ и Кожул се дел од колекциите на Музејот на современата уметност во Загреб, Музејот на модерна и современа уметност во Ријека и Куќата Лауба во Загреб.
Директорката на Националната галерија на Македонија, Дита Старова Керими денеска на прес-конференција рече дека станува збор за млади уметници кои се многу активни и се веќе позиционирани во современата уметничка сфера. Изрази надеж дека и натаму ќе соработуваат со овие уметници.
Таа укажа на практиката на Националната галерија во наредниот период да овозможува претставување на автори кои доаѓаат надвор од Македонија.
– Треба да видиме што се случува во современата уметност надвор, за да знаеме ние како да се позиционираме, како да делуваме во нашето творење, додаде Старова Керими.
Кураторот и кустос Вања Жанко, која е претседател на Здружението Номад и работи со автори меѓу кои се и уметниците Дамир Жижиќ и Кристијан Кожул, истакна дека соработува со уметници кои со години самостојно развиваат многу успешна кариера.
Уметникот Жижиќ на прес-конференцијата истакна дека во своите дела се занимаваат со методологијата на самиот медиум, со методологијата на креирање на желбите, за што, како што рече, сведочат делата кои се формирани преку директен медиумски јазик кој го користи каква била маркетиншка или медиумска струка надвор од уметничката.
– Многу често сме сведоци дека симболиката и јазикот во медиумите и маркетингот произлегуваат од современата уметност и исто така се враќаат во современата уметност. Токму тоа место каде се вкрстуваат маркетингот и уметноста ни е појдовна точка на инспирација во која едноставно се обидуваме на ист јазик да зборуваме за други работи, односно како функционира креирањето на нашата желба преку некаков јазик на медиумите, рече Жижиќ.
Меѓу делата кои ќе бидат претставени на изложбата е „Recognizable Landscape“ (Aquamarine), кое индустриски претставува инџет отпечаток на рекламна церада и прикажува фрагментиран одблесок на Сонцето во базен кое ја покрива целокупната површина на платното. Компјутерски генерираниот пејсаж користи реалност како визуелен темел, создавајќи потполно фиктивна глетка понудена на набљудувачот како препознатлив фрагмент на совршено летно искуство.
Едно од делата е насловено „Cassis Cornuta“, кое како основа користи школка која уметниците ја купиле во сувенирница на брегот на Јадранското Море, а егзистира во Тихиот или Индискиот Океан.
Изложбата ќе биде отворена до 19 мај.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.