Најновите дела од творештвото на Стефан Димовски вечерва ќе бидат изложени во галеријата на НЛБ „Тутунска банка“. Изложбата е насловена „Поинаков поглед“ .
Димовски е роден 1983 во Скопје, во уметничко семејство. Со акварел почнал да се занимава во 1995 година , а голгогодишниот престој во Франција му увозможил да воспостави контакти со познати акварелисти, и да ја усоврши акварелната техника до перфекција.
Досега има учествувано на повеќе групни изложби во Сан Рафаел, а исто така своите дела ги изложувал во повеќе галерии на југот на Франција. Во 2010/2011 година дел од неговите акварели се селектирани во 11-тото издание на Интернационалниот каталог за модерна уметност (Италија, Рим) – MDS CATALOGO INTRNAZIONALE D`ARTE MODERNA no.11 (EDITRICE D`ARTE CIDA ROMA 2010/2011).
Во 2011 добива награда за акварел во конкуренција на 60 сликари и акварелисти на 12 саем за сликари и акварелисти во Сан Рафаел, Франција. (FOIRES AUX CRОUTES DES PEINTRES ET DES AQUARELLISTES – Saint Raphael, France 2011). Во 2011 година, исто така, добива втора награда за скулптура изработена од отпад за рециклирање, во организација на ПАКОМАК. Истата година учествува на изложба на акварели во организација на општина Карпош- Скопје.
Во 2013 година ја оствари својата прва самостојна изложба во Музеј на град Скопје, а во 2014 година ја реализира и својата втора хуманитарна изложба во ликовниот салон на NLB Тутунска банка во Скопје. Истата година реализира трета изложба заедно со својот татко Ангел Димовски-Чауш, во ликовниот салон на Народен музеј Велес, а во 2014 година исто така ги изложува своите дела, и прави перформанс во Попова кула. Од 2015 година е член на ДЛУМ, и учествува на “Експериментален цртеж” – 2015, “МиниАРТура” – 2015, “Годишна изложба на ДЛУМ” – 2015, “Новогодишни честитки – Концепт 37” – 2015, “Хуманитарна аукција во дом на АРМ” – 2015, “Мал формат” КИЦ Скопје – 2015.
Во 2016 учествува на 16-ти ЗИМСКИ САЛОН – Скопје. Неговите дела се наоѓаат во повеќе институции и приватни колекции во земјава и странство. Во неговите дела покрај чистиот акварел, присутна е и комбинирана техника (акварел, колаж, акрилик, сепиа).
-Акварелот нуди големи можности за експериментирање и како ликовен израз од уметникот бара брза и вешта рака, суптилен колорит, специфичен ликовен јазик и познавање на техниката. Токму сето ова е присутно во творештвото на Стефан Димовски., вели Дора Андова Фотева.
-Стефан со неговиот талент иницира нов почеток со особена посебност во сликарскиот јазик, акварели автентично, маестрално и лефтерно изведени со акварелната сликарска четка, ни наговестува голем мајстор во доменот на акварелот, рече Милош II Коџоман.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.