| четврток, 6 декември 2018 |

Ирина Тошева, моден дизајнер: Македонија е непресушна ризница за творечки идеи

Шеснаесеттиот Моден викенд Скопје кој е во тек ќе биде затворен на 25 октомври во „Иновативниот центар на Македонски Телеком“ со мултимедијална презентација на македонската дизајнерка Ирина Тошева поддржана од topsi.mk.

Тошева најавува сосема ново и незаборавно модно искуство за посетителите на Моден викенд Скопје. За новата колекција вели дека црпи инспирација од нашето секојдневие, култура, минато.

– Македонија е непресушна ризница за творечки идеи. Во последно време, големо внимание ѝ посветувам на домашната поезија и се’ повеќе уживам во неа. Не би можела да го издвојам Андреевски како омилен поет, но бев понесена од целото значење на циклусот песни за Дениција. Сметам дека секоја жена е „нечија“ Дениција. Оттука и произлезе самиот концепт за колекција што ќе ги обедини поетското и модното доживување на интересен начин – изјави Тошева за „Република“.

Есенското издание на Моден викенд Скопје завршува со Вашиот мултимедијален настан во Иновацискиот центар на Телеком. Како е замислен?

ТОШЕВА: Станува збор за мултимедијален проект, прв од ваков тип во нашата земја, кој е во чекор со најновите светски трендови и технологии. Публиката ќе биде директно вклучена преку користење на ознаката #irinatosheva на социјалните мрежи, а сите фотографии, твитови и впечатоци ќе бидат директно прикажувани во Телеком центарот. Креациите ќе може на лице место да се „резервираат“ – see now, buy now. Настанот е поддржан од topsi.mk, а ќе биде едно сосема ново и незаборавно модно искуство за посетителите на Моден викенд Скопје.

Вие сте редовен учесник на изданијата на Моден Викенд Скопје. Какво е Вашето искуство? Дали оваа платформа помага во промоција на младите дизајнери?

ТОШЕВА: Моден викенд Скопје е единствената платформа за промоција на дизајнерите во домашни рамки. Воедно, во склоп на нашата успешна соработка бев дел и од повеќе модни настани и недели во регионот. Со секоја сезона, заедно созреваме и се надополнуваме.

фото: Миладин Паповиќ

Зошто го одбравте Петре М. Андреевски? Тој е ваш омилен македонски поет?

ТОШЕВА: За секоја колекција црпам инспирација од нашето секојдневие, култура, минато. Македонија е непресушна ризница за творечки идеи. Во последно време, големо внимание ѝ посветувам на домашната поезија и се’ повеќе уживам во неа. Не би можела да го издвојам Андреевски како омилен поет, но бев понесена од целото значење на циклусот песни за Дениција. Сметам дека секоја жена е „нечија“ Дениција. Оттука и произлезе самиот концепт за колекција што ќе ги обедини поетското и модното доживување на интересен начин.

фото: Getty Images

Какви материјали користевте за оваа колекција и кому му е наменета, на кои жени?

ТОШЕВА: Колекцијата е наменета е за сите љубителки на практичноста и удобноста, лежерноста и минимализмот. Низ моделите се проткајува естетска приказна што ги премостува модата и поезијата, а излегува надвор од временските рамки. За изработка на креациите, користев главно природни материјали, како што се памукот и свилата.

Се занимавате и со 3Д принтинг. Може ли да ни кажете нешто повеќе за тоа? Дали некој друг македонски дизајнер го прави тоа?

ТОШЕВА: Следејќи ги светските трендови и потребата од нешто ново, минатата година за првпат го вклучив 3д принтингот во својата дизајнерска работа. Во соработка со архитектот Никола Кунгуловски ги истражувавме традиционалните македонски везови, пробувајќи да ги преведеме на нов и модерен начин. Ја создадовме колекцијата „Риза“, чијшто огромен успех ги надмина сите очекувања. Се најде на страниците во многубројни светски медиуми, па дури и од официјалниот производител на 3д принтерот со кого печатевме.

Претставена беше во рамки на Моден викенд Скопје, Prishtina Fashion nights во Косово, 3d fashion by Lexus & Voxelworld во Дизелдорф, како и 3d print expo во Москва, каде бевме поканети и како експерти да одржиме предавање за модата и 3д принтањето.

Летово, пак, повторно бев избрана да бидам дел од 3d fashion во Дизелдорф, заедно со 10 светски дизајнери кои се докажани во оваа област. На настанот се претставив со нови и специјално изработени модели, а со кои и минатава недела одново земав учество и на 3d print expo во Москва, овој пат со модна ревија.

фото: Миладин Паповиќ

Какво е вашето искуство со студентите, со оглед дека работите и како предавач односно професор?

ТОШЕВА: Образовната работа ми претставува голем предизвик, бидејќи ми нуди можност сето досегашно знаења во професијата, теоретски и практично да им го пренесам на млади и перспективни дизајнери. Од неодамна сум дел од тимот на Модната академија на Џолев и уметностите и Seavus, каде ќе го водам предметот „Моден бренд и менаџмент“. Екипата професори ја сочинуваат докажани имиња на домашната сцена, со кои е чест да се соработува, а уверена сум дека секој со својот „багаж“ од искуства, ќе испорачаме врвен квалитет кога е едукацијата во прашање. Претходно, ментор бев и неколку групи на курсевите по моден дизајн во центарот Кариера Плус. Курсистите ги вклучував и во најразлични проекти, бевме дел и од Моден викенд Скопје и се гордеам што дел од нив станаа и мои колеги и отворија свои атељеа.

Оваа сезона мотото на Моден викенд Скопје е стоп на троговијата со луѓе, која често се поврзува со модната индустрија. Дали кај нас постои свест за тоа од каде доаѓа парчето облека кое го купуваме? Дали некој бил експолатиран за да биде произведено тоа парче облека?

ТОШЕВА: Кај нас, свесноста за „ужасите“ во текстилната индустрија е премала, што е и нормално со оглед на економската ситуација. Секој гледа како поевтино да пројде со она што го купува, не размислувајќи на приказната што се крие зад производот. Ако едно парче чини 200-300 денари, сте се запрашале ли каде е патот, царината, материјалот, работната рака и процентот за продавачот, штом цената е таа? Честопати гласно говорам и внимавам на fair trade ознаките на работите кои ги купувам.

фото: Лилика Стрезоска

Кои се Вашите идни планови по завршување на ова издание на Моден викенд Скопје?

ТОШЕВА: Како и секогаш, првин очекувам успешна продажба на колецијата, а полека започнувам и со подготовки на следната. Таков е кругот на дизајнерскиот живот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top