| четврток, 6 декември 2018 |

Самостојна изложба на Петра Јовановска

Самостојната изложба на Петра Јовановска со наслов „Повторно во кругот“ ќе биде отворена вечерва, 26 април, со почеток во 20 часот во Музеј на град Скопје…

Ликовен проект, самостојна изложба на Петра Јовановска со наслов „Повторно во кругот“, концептуална презентација и инсталација на ликовни дела во изложбениот простор, каде линијата на галеријата го формира презентирањето и динамиката на делата.

Овој пат авторката повторно се навраќа на кругот, еден едноставен геометриски облик, кој за неа преставува широка симболика и функција, но овој пат во друга форма, во друга улога.

Петра Јовановска повторно користи полиптиси за да ги задоволи своите критериуми поврзани со успешноста на презентирањето и целата замисла, еден вид на игра во просторот, која станува многу битен фактор во концептуалното презентирање на ликовните дела.

Делата најчесто се во ликовни техники како колаж, фотографија, цртеж, и пред се тука е присутна и графиката, односно сегменти од неа, графичката техника сув печат, па се до доаѓање на мултимедијалноста. Кругот како симбил на бесконечноста, целината, едноставно нешто што нема почеток ниту крај, симбол на постоењето, симбол на планетата, на сонцето….симбол на внатрешна слобода.

Петра Јовановска е родена во Чешка, завршила на ФЛУ во Скопје, отсек графика. До сега реализирала 28 самостојни изложби во Македонија, Чешка, Франција, Хрватска, Србија и Полска. Учестувала на над 180 групни изложби во земјата и во странство, како и на меѓународни ликовни колонии, симпозиуми, семинари. Член е на ДЛУМ како и член на УО на ДЛУМ. Добитник е на неколку награди.

Изложбата е финансиски поддржана од Министерство за култура на Република Македонија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top