Претставата „Буре барут“ на Дејан Дуковски, а во режија на Сашо Миленковски вечерва премиерно ќе биде изведена во Драмски театар – Скопје. Премиерата е во рамки на 70-годишниот јубилеј на оваа национална установа.
Во претставата играат Лазе Манасковски, Иван Петрушевски, Гоце Тодоровски, Ѓокица Лукаревски, Благица Димитровска, Јовица Михајловски, Александра Павлова, Игор Стојчевски, Емилија Мицевска, Рубенс Муратовски, Благој Чоревски… Музиката е на Венко Серафимов, а кореографијата на Валентин Апостоловски.
„Буре барут“ премиерно беше изведена пред 23 години на сцената на Македонскиот народен театар (МНТ), исто така, во режија на Миленковски.
– Поминаа 23 години од праизведбата на текстот на Дуковски. „Буре барут“ се играше преку 20 години, имаше стотина изведби, се менуваа актерите… Уметноста секогаш треба да го „фати“ времето. Кога се појави овој текст, имаше голема доза оптимизам во него, се распаѓаше тогашната држава, СФРЈ, се раѓаше нова, независна Македонија. „Буре барут“ е престава, која како лукмус покажува, односно ги констатира проблемите – изјави режисерот Миленковски.
Кастингот на екипата е направен така што обединува четири генерации актери – од нововработените, преку младите, средната генерација, највозрасните, кои се веќе в пензија.
– Ова типична актерска претстава. Без актер и без публика, нема претстава. Може да нема режисер, сценограф, но не може без актер и без публика. Сакавме да ги обединиме сите генерации што моментно се во Драмски, да учат едни од други, да ги пренесуваат знаењата едни на други – вели Миленковски.
Според режисерот, тој со „Буре барут“ се обидува да избега од реалноста како од црн ѓавол.
– Времето се измести. Никој не се занимава со причините, никој не се занимава со човекот, со чинот на делување. Оваа претстава се обидува да коренсподира со нашето време – вели Миленковски.
Тој додава дека изминатите два и пол месеца додека ја подготовувал претставата постојано мислел на оние тивки, вредни, срамежливи, домаќински луѓе.
– Ова е претстава за тивки луѓе кои се пред „пукање“. Во бучните времиња, тивките луѓе се најбројни. Постојано се прашував дали е фер што правам претстава додека надвор има протести или дали е фер што има протести додека јас ја правам претставата – вели Миленковски.
„Буре барут“ е најпоставуваниот драмски текст на Дуковски и е изведуван во Грција, Јапонија, Германија, Хрватска, Данска, Холандија, Шведска и Бугарија.
Според сценариото на „Буре барут“ е снимен и игран филм.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.