| четврток, 6 декември 2018 |

Гундоган: Кралска ноќ за Борусија

Илкај Гундоган одигра брилијантен меч за Борусија Дортмунд, впрочем како и сите играчи на „милионерите“ кои го декласираа Реал Мадрид и им приредија врвна претстава за уживање на своите навивачи.

– Ова е кралска ноќ за нас. Игравме прекрасно и заслуживме ваква голема победа. Ќе беше подобро да не примевме гол, но такво нешто е тешко против клуб каков што е Реал – изјави Гундоган. „Кралевите“ од Мадрид беа фаворити, но остана во дебела сенка на извонредните домашни навивачи. Реваншот е на 30 април, а интересна беше и изјавата на Јирген Клоп, тренерот на Борусија.

-Лошо е што има уште еден натпревар за играње. Ќе беше поарно да останеме само на овој во Дортмунд. Секако дека во Мадрид нема да ни дозволат да се шетаме по теренот. Мора да почнеме одново и да го заборавиме првиот натпревар – изјави Клоп. Жозе Мурињо го обвини дека многу зборува, но Клоп му одржа фудбалски час по модерен фудбал на „специјалниот“ Португалец. Борусија играше лесно, едноставно и буквално го разбија Реал на теренот. Поразот од 1-4 го призна и директорот на мадриѓаните, Емилио Бутрагењо.

– Игравме против врвна екипа. Не се сеќавам дека сум гледал екипа што напаѓа така добро како што тоа го правеше Борусија против нас – напиша на „Твитер“ легендата на Реал. Истото мислење го дели и Мурињо.

– Борусија е најдобрата екипа против која игравме во овој циклус од Лигата на шампионите. Знаевме дека Левандовски е опасен, тој ни задаваше многу проблеми и во натпреварите во фазата по групи, но ни овојпат не најдовме решение за него – рече Мурињо.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top