Лидерот на ДУИ Али Ахмети во гостување на емисијата „Клик плус“ на ТВ 21 го потврди своето учество на лидерска средба во Виена, закажана за петок од еврокомесарот Јоханес Хан.
Не би сакал да се повтори Брисел и да се вратиме без договор. Ние бевме во Брисел, не можевме да се договориме, не сакам тоа истото да се случи и во Виена. Се разбира треба и другите лидери да се согласат, но јас нема да се двоумам во врска со поканата од Хан и европарламентарците, изјави Ахмети.
Toj смета дека треба да се потврди Договорот од Пржино, бидејќи, нагласи, тој не е мртов. Работи Специјалното јавно обвинителство, работат и други институции, побаравме од т.н. претседател Иванов да ја повлече одлуката, рече лидерот на ДУИ, кој предупреди дека е потребно брзо решение, бидејќи штети имаат државата, граѓаните, особено економијата.
Aхмети потсети на својата минатогодишна изјава кога во контекстот на политичката криза која избувна со прислушуваните разговори, рече дека треба да се реагира брзо со политички средства и дека треба да се вклучи меѓународната заедница.
Мојата изјава дека Украина може и да не биде далеку, им беше по малку смешна на некои политичари и аналитичари, па и надвор од земјата. Мојата цел беше дека последиците ќе бидат многу помали ако се реагира, рече Ахмети.
Тој потсети дека подготовките за избори траеја предолго, дека СДСМ по пет дена разговори се согласи на 24 април, но дека потоа со учество на меѓународната заедница беше договорен друг датум за да не се случат избори без опозиција.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.