Со премиера на „Буре барут“ на драматургот Дејан Дуковски, а во режија на Сашо Миленковски в четврток, во 20 часот ќе се одбележи јубилејот 70 години Драмски театар Скопје.
Ова е прв текст на Дуковски, кој се поставува на сцената на Драмски театар.
„Буре барут“ премиерно беше изведена пред 23 години на сцената на Македонскиот народен театар (МНТ), исто така, во режија на Миленковски.
– Поминаа 23 години од праизведбата на текстот на Дуковски. „Буре барут“ се играше преку 20 години, имаше стотина изведби, се менуваа актерите… Уметноста секогаш треба да го „фати“ времето. Кога се појави овој текст, имаше голема доза оптимизам во него, се распаѓаше тогашната држава, СФРЈ, се раѓаше нова, независна Македонија. „Буре барут“ е престава, која како лукмус покажува, односно ги констатира проблемите – изјави Миленковски на денешната прес-конфренција.
Музиката во претставата е на Венко Серафимов, вокалната интерпретација е на Сузана Спасовска, дизајнот е на Владимир Симоновски, а кореографијата е на Валентин Апостоловски.
Во претставата играат: Лазе Манасковски, Иван Петрушевски, Гоце Тодоровски, Ѓокица Лукаревски, Благица Димитровска, Јовица Михајловскки, Александра Павлова, Игор Стојчевски, Виолета Шапковска, Емилија Мицевска, Симон Манасковски, Сашо Тасевски, Благој Чоревски, Александар Степанулевски, Рубенс Муратовски, Димитрија Доксевски, Филип Трајковиќ и Јана Стојановска.
Кастингот на екипата е направен така што обединува четири генерации актери – од нововработените, преку младите, средната генерација, највозрасните, кои се веќе в пензија.
– Ова типична актерска претстава. Без актер и без публика, нема претстава. Може да нема режисер, сценограф, но не може без актер и без публика. Сакавме да ги обединиме сите генерации што моментно се во Драмски, да учат едни од други, да ги пренесуваат знаењата едни на други – вели Миленковски.
Според режисерот, тој со „Буре барут“ се обидува да избега од реалноста како од црн ѓавол.
– Времето се измести. Никој не се занимава со причините, никој не се занимава со човекот, со чинот на делување. Оваа претстава се обидува да коренсподира со нашето време – вели Миленковски.
Тој додава дека изминатите два и пол месеца додека ја подготовувал претставата постојано мислел на оние тивки, вредни, срамежливи, домаќински луѓе.
– Ова е претстава за тивки луѓе кои се пред „пукање“. Во бучните времиња, тивките луѓе се најбројни. Постојано се прашував дали е фер што правам претстава додека надвор има протести или дали е фер што има протести додека јас ја правам претставата – вели Миленковски.
Доајанот на Драмски, Иван Петрушевски, денеска го слави 65. родеден и актерите во претставата во парчето што го изведоа пред новинарите му го честитаа роденденот и му посакаа уште многу години да биде активен на сцената.
– Сите играме нешто „откачено“ во претставата. Сега сакаме што побрзо Драмски да го врати стариот сјај, слава и уметност што со години ја негуваше. Во бифеата се прават претставите и сега сакаме пак да го заживееме тој начнин на работа – рече Петрушевски.
Највозрасниот меѓу актерите Благоја Чоревски признава дека и покрај возраста уште со ист елен, жар и возбуда ги игра претставите како и кога првпат бил вработен во Драмски, на први септември 1971 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.