Српскиот стручњак Драган Раца е нов селектор на кошаркарската репрезентација на Македонија. Оваа одлука е донесена на вечерашниот состанок на Управниот одбор (УО) на Македонската кошаркарска федерација (МКФ)
Станува збор за релативно анонимен тренер, барем за оние што не се баш премногу упатени во кошаркарските случувања, кој најголем дел од кариерата минал во кошаркарски далеку понеразвиениот од нас Кипар. Зад себе има селекторско искуство и тоа на кипарската клупа како и на националната селекција на Либан.
– Неслучајно се одлучивме за Раца, бидејќи неговата биографија се поклопува со нашите планови за иднината. Првичните контакти беа направени уште лани во декември, Раца од претходно се познава со Заре Марковски и со Петар Наумоски, по што во јануари ја достави својата програма, која се вклопи во плановите на федерацијата”, изјави секретарот Моника Гавриловска за “ТВ Нова”.
Раца (55) тренерската кариера ја почна во 2002 година во кипарски АЕЛ каде што работел до 2005 година, а се вратил и во 2009 година, како и во кипарски АПОЕЛ, грчки ираклис, либански Сагесе како и во кинеските Гуангжу и Џонгкинг.
Договорот е на две години, со тоа што втората година е условена со минување на септемвриските квалификации за ЕП 2017 во кои Македонија е во група со Велика Британија, Луксембург и со Унгарија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.