Ракометната репрезентација на Македонија ќе биде дел од четвртата квалификациска група за пласман на ЕП 2018 во Хрватска, по вчерашната ждрепка во Дубровник. Чешка останува судбински противник за македонскиот национален тим, откако Чесите по квалификациите за ЕП 2016 во Полска и баражот за СП 2017 во Франција, ќе бидат наш противник и во претстојниот квалификациски циклус за континенталниот собир што во јануари 2018 ќе се одржи во Хрватска.
Ждрепката им беше наклонета на нашите ракометари, па така од носителите за противник ја добивме селекцијата на Исланд, која барем на хартија важи за најслаба од најголемите европски репрезентации. Покрај Чешка и Исланд, трет ривал во групата ќе биде селекцијата на Украина, така што дури и со подмладен состав шансите на Македонија за пласман на ЕП во Хрватска се сосема реални.
Квалификациите за овој шампионат ќе стартуваат на 2 ноември, а ќе завршат на 18 јуни 2017, пласман на европскиот шампионат ќе обезбедат двете најдобри репрезентации од секоја група. Завршниот турнир е од 12 до 28 јануари 2018 во Вараждин, Сплит, Пореч и во Загреб.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.