| четврток, 6 декември 2018 |

Македонската дијаспора бара од Советот на Европа да се соочи со Златна зора

Обединетата македонска дијаспора го поздрави извештајот за човекови права на Советот на Европа во кој се критикува слабата реакција на Грција по подемот на неонацистичката партија Златна зора, која освои 18 пратенички места на последните избори. Во извештајот на комесарот Нилс Муижниекс, се бара грчките власти да дадат пример така што ќе ги осудат сите чинови на насилство и ширење говор на омраза што доаѓаат од Златна зора, јавува дописникот на МИА од Вашингтон.

„ОМД целосно го поддржува повикот на комесарот Муижниекс за грчката влада да почне иницијатива за борба против расизмот и екстремизмот во сите делови на општеството, како и неговата изјава дека мора да се обрне внимание на опасноста од нетолеранцијата и расизмот и да се засили образованието за човекови права во училиштата. ОМД потсетува дека македонското малцинство во Грција се соочувало со репресија, вклучително мачење, и пострашно, од претходниците на Златна зора, кои беа на власт во Грција во времето на дикататурите пред и по Втората светска војна. Со вртењето на вниманието на светот кон активностите кои Златна зора ги врши или поддржува, ОМД бара од Советот на Европа ефикасно и брзо да ги сузбие ваквите организации и политички партии“, пишува во соопштението на ОМД.

Во извештајот на комесарот Муижниекс се бара Грција да го усвои предлог-законот од 2011 година за борба против расизмот и ксенофобијата преку кривичното законодавство, како и да обезбеди средства за 70 новоформирани полициски единици за борба против расизмот. Според комесарот за човекови права во Советот за Европа, Грција мора да го реформира и системот за азил и начинот на кој обезбедува сместување на азилантитие, како и да се спречи полициското малтретирање на имигрантите и на Ромите.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top