Поранешниот американски амбасадор во Македонија Кристофер Хил изјави дека знае оти Македонија нема никогаш да се откаже од своето уставно име, и дека во разговорите со Грција е потребно да се најде некое решение кое ќе го отвори патот за влез во Европската унија без менување на уставното име.
– Мислам дека одговорот се уште треба да биде некаков вид на пакет за име што ќе биде прифатлив за сите, но ќе го зачува уставното име. Македонија нема да го смени уставното име, но треба да се има некои отстапки за да се надмине ова, подразбирајќи дека уставното име мора да остане и дека мора да има пакет со кој ќе се влезе во Европската унија. Дали некој може да го реши овој спор сега? Мислам не. Знам дека Македонците нема да го сменат името. За нив и за Соединетите Американски Држави името е Република Македонија. Исто така знам дека мора да има некаков вид на процес во кој ќе има нешто и за Грците, но во овој момент не можам да кажам што ќе биде тоа, изјави Хил на прашање на Македонската телевизија, додека зборуваше во Универзитетот Џон Хопкинс во Вашингтон.
Амбасадорот Хил додаде дека спорот за името е тешко прашање, што се гледа од самиот факт дека неговото решавање трае повеќе од 20 години. Хил беше првиот американски амбасадор во Македонија, и беше активно вклучен во постигнувањето на Времената спогодба меѓу Македонија и Грција во 1995 година, со која се воведе времената референца за Македонија, се укина грчкото ембарго и Грција се обврза дека нема понатаму да го попречува приемот на Македонија во меѓународните институции, обврска која земјата ја прекрши во 2008 година кога го спречи приемот на Македонија во НАТО.
Зборувајќи со Гласот на Америка на македонски јазик, Хил додал гледа поларизираност во Македонија, не во меѓуетничките, туку во политичките односи.
– Македонија има внатрешни прашања со коишто треба да се справи и треба да се решат не само во однос на мнозинството коешто победило на изборите, туку и во однос на оние коишто не победиле. Сите треба да се почувствуваат дека се дел од системот. Но, покрај тоа, иако има многу поплаки и никој не е задоволен, се уште мислам дека Македонија е постојан дел од европската мапа и сите треба да се горди на тоа, изјави Амбасадорот Хил за Гласот на Америка.
Хил во моментов е декан на Универзитетот на Денвер, во Колорадо, и ја промовира својата книга со спомени од дипломатската кариера која, освен во Македонија, го однесе како амбасадор во Полска, Јужна Кореја и Ирак
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.