| четврток, 6 декември 2018 |

Пораз од Полска на отварањето на квалификациите за ОИ, мечот за Рио е утрешниот против Тунис

Македонската ракометна репрезентацијата со пораз ги започна квалификациите за Олимписките игри во Рио.
Првиот противник на нашата репрезентација беше домаќинот Полска која знаеше како да стигне до победата од пет разлика (25-20) и со едната нога веќе да се квалификува на Летните олимписки игри.

На дебито на новиот селектор на Полска, Талант Дујшебаев, неговите избраници тргнаа максимално агресивно уште од почетокот, па по само неколку минути воспоставија водство кое го чуваа до крајот.

Избраниците на селекторот Ивица Обрван одиграа солидно во одбраната, но нападот не беше на потребното ниво. Репрезентативците како да се уплашија од противникот и направија неколку технички грешки при додавањата и не реализираа повеќе зицери, пред голот на Шмал кој и на овој меч одигра фантастично во клучните моменти.

Разликата што ја направија полските репрезентативци во првите 15 минути кога поведоа со 9-5 беше клучна за мечот бидејќи лесно го издржаа притисокот од нашата одбрана иако не постигнаа гол скоро десет минути. Во тој период од играта Стилов, Манасков и Лазаров од пенал, промашија чисти удари и не успеаја да стигнат до поповелен резултат на полувремето во кое Полска замина со 13-9 во своја корист.

Ако Македонија можеше да се надева на поволен резултат во првиот натпревар во Гдањск, Бјелецки, Јурецки и другарите ја решетаа мрежата на Митревски кој сепак одигра солиден натпревар. Цели пет минути на почетокот од второто полувреме не успеавме да постигнем гол, а разликата растеше. Во 51.минута полската репрезентацијта стави точка на мечот кога имаше и најголема предност од осум голови (23-15).

Во последните осум минути македонската репрезентација покажа дека знае да игра ракомет и за само четири минути постигна истотолку голови а не прими ниту еден.
Ваквата игра влева надеж пред утрешниот одлучувачки меч за нашиот состав кога во 18 часот играме со директниот конкурент за второто место во групата кое води во Рио, репрезентацијата на Тунис.

Кире Лазаров беше најефикасен со осум гола, четири постигна Гоце Георгиовски, по три Стојанче Стоилов и Дејан Манасков, Никола Митревски се истакна со седум одбрани, Борко Ристовски имаше шест. Во полскиот состав Карол Бјелецки имаше осум гола, а одличен беше Славомир Шмал со 12 одбрани, од кои два пенала.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top