Македонската ракометна репрезентација ги започна натпреварите на квалификацискиот турнир за Летните Олимписки игри во Рио.
Во Гдањск, Полска, избраниците на селекторот Ивица Обрван по првото полувреме имаат негатива од четири гола (13-9) против домаќинот кој важи за главен фаворит за првото место во оваа група во која се уште и Тунис и Чиле.
По првите 30 минути македонските ракометари како да играат во грч од помислата дека се многу блиску до Олимпијадата во Рио, нешто што не и успеало на ниту една репрезентацијата од нашата држава во колективен спорт.
Иако играме одлично во одбраната, и ги задржавме Полјаците на само 13 голови, нападот не функционира. Едниствена светла точка е капитенот Кире Лазаров со пет погодоци од кои два од пенал. Два постигна Дејан Манасков, а по еден Стојанче Стоилов и Влатко Митков.
На голот Борко Ристовски успеа да одбрани шест шута кон неговиот гол, а неговата замена Митревски фати и еден пенал.
Во период од 15 до 24 минута домаќинот не успеа да постигне ниту еден гол, но Кире и другарите на неколку наврати брзоплето реагираа во нападот, Стоилов и Манасков промашија чисти зицери и оттука разликата е четири гола.
Во второто полувреме се очекува Обрван да ја забрза играта бидејќи Полска е позната репрезентација која слабо ги брани контранападите. Сепак за тоа да се случи треба одбраната да продолжи со препознатливата цврста одбрана со многу контакти и да не се дозволи да се примаат лесни голови.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.