Од денеска почна и официјално реконструкција на фасадата на зградата во која е сместена Владата на Република Македонија, соопштија од Владата. Идејното решение на фасадата е по одлука на граѓаните.

„Проектот ќе опфати целосна реконструкција на старата и дотраена фасада, и очекувањата се дека во зависност од временските прилики ќе се реализира во наредниот едногодишен период. Ова е прва пообемна реконструкција на фасадата која датира од самата изградба на објектот“, се вели во соопштението од Владата.
Со анкета на интернет, граѓаните гласаа за решението кое наликува на „Скопје 2014“. Од петте понудени решенија за реконструкција на постојната фасада на објектот на Владата на Република Македонија, на онлајн анкетата најголем број гласови, 9.122, доби решението број 1 во барокен стил, или 32 проценти од сите гласови. Идејното решение е на авторите Жарко Чаушевски и Филип Богатинов.
Реализацијата на целиот проект ќе се одвива во три фази – првата ќе биде конструктивниот дел, втората е нанесувањето на фасадата и третиот дел е осветлувањето на објектот. Целокупните градежни активности ќе чинат 9.299.052 евра, со вклучен ДДВ.
„Целата постапка за реконструкција на фасадата е транспарентна и достапна на увид на јавноста. Фирмата изведувач е избрана на тендер распишан на 4 јануари 2013 година, а отворен на 22 февруари 2013 година. Во тендерската постапка се пријавија четири фирми, по што следуваше електронска аукција која се одржа на 14 март 2013 година. Одлуката за избор на најповолниот понудувач беше направена на 27 март 2013 година“, се наведува во соопштението.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


