
Ацо Станковски
Боговите, луѓето и сите свесни ентитети што постојат во регистарот на свесните битија меѓу нив, сите ги плаши непознатото. Непознатото ги нуди сите претпоставени варијанти. Тие добрите, тие што исполнуваат со радост, но и тие страшните, што создаваат чувство на тежина и на скрб, сите тие се содржани во концептот на непознатото.
Страшните и непосакувани собитија се скриеното и тајно оружје на непознатото. Тоа е едно темпирано убиствено оружје, монтирано во најчувствителниот дел од нашето битие. Тука е, и чека на моментот кога ќе стапи во акција.
И покрај тоа што сме сите свесни за оваа фаталност, ние, едноставно, забораваме, потиснуваме, игнорираме и правиме секакви лудости и глупости за да се извлечеме од оваа фатална проекција.
Но како со некаков ластик, нашите души повторно и повторно се дотегнати до изворот на вознемиреноста, до епицентарот на непознатото.
Сепак, таму нема никакви конкретни сознанија, одговори, кои би ја залекувале таа проклета болка на душата, што везден копа по ходниците на нашите ментални перспективи.
А пропо непознатото, нема ништо паметно да се каже. Секој обид за такво нешто неминовно завршува во депонијата на безбројните куртоазии, што се трошат како салфети за бришење лиги. Едно палијативно и ефемерно решение е тоа, нашата тага создава слузница што треба да се исчисти. И, толку.
Подобро би било да го истренираме нашиот перцептивен механизам на брзо заборавање, исклучување, дефокусација, тогаш, барем, добро ќе го доживуваме тоа што е распослано како животна платформа до портите на непознатото.
Инаку, повторно и повторно ќе се соочуваме со страшните претстави на непознатото, на најужасното, дури и непоимливото грозно суштество што се скрива во непрегледната џунгла на стравот.
Во зоните на непознатото има безброј опасности. Ѕверовите на непоимливата крвожедност и суровост, чекаат таму во своите скриени заседи. Неизвесноста создава треперливи моменти на исчекување. Сите конвенционални доктрини и средства за смирување тука немаат некој позначаен ефект.
Во гравитацијата на непознатото човек губи секаков вид илузии за излез од оваа фатална стапица. Тој ја губи и последната надеж, ја губи силата, а волјата исчезнува и неговото битие неосетно се трансформира во инертна маса, на која не ѝ е грижа. Мртва маса.
Така, целосно неспектакуларно, мачно и сосема хаотично, доаѓа суштината на непознатото. И тоа би требало да биде крајот на оваа, навидум истоштувачка, игра.
Ова гасење на инаетот и на сите погонски илузии што ја движат смислата на нашиот живот ни се појавува секогаш кога некој од мојата професионална заедница ќе се загуби зад хоризонтот на непознатото. Кога уметникот ќе замине од сцената на творештвото и на животот, секогаш доаѓа до една темелна медитација за смислата на сите нешта и за самиот феномен на постоењето.
Тогаш се појавуваат неверојатни когнитивни проблесоци, неочекувани илуминации и слики, кои толку децидно и непоколебливо одат наспроти течението на конвенционалните мисловни искуства.
Во овие моменти на голема загуба на личен, но и на колективен план, одеднаш непознатото добива длабока и недвојбена смисла. Тоа како да станува фактор на објаснувањето на самата суштина на човековото битисување. Тоа, всушност, тоа страшно и несфатливо собитие, зад кое се криело непознатото, сега станува само една рамка, поточно, еден калиграфски декор на автентичната авантура на креативноста.
Така, сите тие незабележливи и маргинални нешта, сега стануваат сјајни вињети што го дообјаснуваат непознатото како неминовност.
Тука нема тежини и страдание, туку едно суптилно ослободување, што ја гледа бесконечноста како континуирано и блажено откривање.
Отфрлените елементи на уметниковиот експеримент низ творештвото и животот, во овие моменти, се откриваат како неспоредлива вредност, поврзана со непропадливоста и духот.
Тогаш, потопените и скриени скапоцености се покажуваат во нивната вистинска светлина.
Така се пополнува големата епопеја на историјата на уметноста, во чијашто основа е вечната порака за безусловното давање.
Кога уметникот ќе отиде во густата и заслепувачка магла на непознатото, ете, тогаш, почнуваме да ги спознаваме вистинските цели на животот и на постоењето.
Тоа што останува е делото, опусот на творецот, сублиматот на неговиот живот, неговите емоции и мисли. А тоа не е малку во овој свет, каде што сѐ завршува како прав и пепел.
„Ars longa, vita brevis“ – уметноста е долготрајна, а животот краток, е факт што се наметнува, без оглед на кој филозофски правец припаѓа нашиот светоглед.
И, сега, ете, така стоиме среде океанот на непознатото и трепериме со сиот неспокој на нашите темни и кобни мисли. Но сред овој мрачен занес, исполнет со страв и со резигнација, ете, таму, над хоризонтот, како да се раѓа една нова ѕвезда на надежта и на спокојството.
Тоа нашиот уметник испраќа порака од другата страна на непознатото, порака, исполнета со утеха и со радост, порака за убавината што трае.
На маестро Гиче.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


