| четврток, 6 декември 2018 |

Изложбата „Видео уметност и уметност базирана на време” во Галеријата на ФЛУ

Факултетот за ликовни уметности организира изложба Видео уметност и уметност базирана на време”, која ќе биде поставена во Галерија ФЛУ – Скопје (Педагошки факултет). Изложбата ќе биде отворена за јавноста во вторник, 5.04.2016, од 20:00 до 23:00 часот и во среда, 6.04.2016, од 20:00 до 23:00 часот.

aleksandra_aceska-what you call progress

Учесници на изложбата се : Димитри Балојани, Воскресија Андреевска, Александра Ацеска, Јасмина Трпевска, Наташа Неделкова,Игор Стаменковиќ, Христина Мазневска, Петар Миљковиќ, Игор Таневски, Рада Велеска, Горјан Стојчев, Владан Петрушевиќ и Надица Толевска.

jasmina_trpevska-Constancy

 На изложбата ќе бидат презентирани дванаесет дела (видео дела и видео инсталации), резултат од проектот “Видео уметност и уметност базирана на време”. Проектот се реализираше во текот на 2015 година, со учество на студенти од Катедрата по сликарство, а под менторство на доц. Слободанка Стевческа. Финансиски е поддржан од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

natasha_nedelkova_after-yu

 Проектот “Видео уметност и уметност базирана на време” се фокусираше на практиките во современата уметност кои го вклучуваат времето како значаен елемент и/или се документирани (или продуцирани) со видео камера: видео уметност, перформанс, видео перформанс, акција, видео инсталација…

vladan_petrusevic

 Веќе неколку децении ликовната уметност ги освојува подрачјата и териториите кои претходно не биле нејзини. Така, во еден значаен дел, таа апроприира и апсорбира искуства од театарот, филмот, архитектурата, науката, социјалните практики, филозофијата, итн. Од тука, се појавува потребата за запознавање на идните млади автори со појавите и практиките кои го напуштаат класичниот пристап на творење во атеље.

Проектот се реализираше во вид на интерактивна работилница од повеќе сесии, каде беа анализирани дела, автори и појави поврзани со видео уметноста, видео перформансот и уметноста која го вклучува времето како клучен фактор.

Дел од темите и содржините кои беа опфатени со овие сесии се: Почетоци на видео уметноста, услови и контекст; Атељето и телото како инспирација и тема; Перформанси и акции документирани со филмска или видео камера; Теми поврзани со стереотипи и женското прашање; Концептуална уметност, автореферентност и прашања поврзани со системот на уметноста и мотивите и процесот на творење; Визуелни и технички истражувања во видео уметноста; Автори кои го користат сопственото тело како израз или медиум и/или автори со ангажиран и критички пристап; итн.

Во склоп на овие сесии, презентации и предавања одржаа професори од Факултетот за ликовни уметности: доц. Слободанка Стевческа, вонр. проф. Жанета Вангели, ред. проф. Антони Мазневски, како и Доријан Јовановиќ и двајца надворешни гости, ликовните уметници Јован Балов и Никола Узуновски. На една од сесиите беше презентирана и дискутирана изложбата „Looking At Nothing (Desire In The Future)“ курирана од Дејан Буѓевац, а со завршувањето на изложбата ќе се оддржат средби, со презентации и дискусии наменети за студентите на ФЛУ, со историчарот на уметност, Владимир Јанчевски, и ликовниот уметник, Никола Узуновски.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top