| четврток, 6 декември 2018 |

Нијанси одлучуваа, сепак Веспрем со победа над Вардар остана на тронот на СЕХА

luka cindric

Веспрем втора година по ред успеа да стигне до трофејот во СЕХА-лигата, овојпат на фајналфор турнирот во Вараждин каде унгарскиот гигант во големото финале го совлада македонскиот шампион Вардар со резултат 28-26. „Црвено-црните“ одиграа храбар, квалитетен натпревар, но сепак на крајот пресуди класата на Унгарците, кои имаа нерви да погодат кога беше најпотребно и да стигнат до триумфот во неизвесна завршница.

„Црвено-црните“ одиграа солиден натпревар, но силните Унгарци успеаја да го одбранат пехарот од СЕХА лигата иако на полувремето губеа минимално со 14-15.

Вардар имаше перфектен старт на мечот, по четири минути веќе беше 4-1, на неполни десет водството беше двојно, 8-4, но дотогаш единствениот ракометар на Веспрем кој правеше нешто ефективно беше Момир Илиќ. Сите четири гола ги постигна тој, но штом почнаа да се будат и останатите, Веспрем почна да го фаќа вардаровото темпо и веќе во 15. минута беше 9-9.

По тајмаутот на Сабате се консолидираше одбраната на Веспрем, па Маргуч и Илиќ поведоа брзи контри за четири единици на семафорот (11-11). Вардар повторно го презема водството со головите на Манасков и Стоилов (13-15). По дуел кај линијата за шест метри, Веспрем остана со играч помалку што ракометарите од Вардар не успеаја да го искористат. Напротив, Веспрем се доближи на минус еден, резултат со кој се замина на полувремето (14-15).

toskic

Сепак, македонскиот првак не го даде водството туку така, го чуваше до паузата со минимално 15-14 и дури на почетокот на вториот дел потклекна. Веспрем првпат на мечот поведе во 34. минута, со 17-16, но дури и пред тоа мечот почна да се ниша од нерешено до еден разлика, застанувајќи на секоја бројка, од 15-15 до 25-25. Во 55. минута Веспрем поведе со 27-25, а потоа на сцена стапи Мирко Алиловиќ со три одбранети зицери, згора на тоа и во заговор со спортската среќа, која ја испречи стативата во еден обид на Циндриќ да изедначи на 27-27.

Циндриќ беше најефиксен со пет гола (од 11 обиди) кај Вардар, пред Душебајев и Дибиров со по четири и Шишкарев со три погодоци. Кај Веспрем најефикасни беа Илиќ со седум, пред Наѓ и Слишковиќ со по четири постигнати погодоци.

Првата битка е загубена, а Вардар ќе има шанса за поправен веќе за неколку седмици, во четвртфиналниот двомеч од Лигата на шампионите.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top