На 3 април во Македонскиот народен театар, во 20 часот, ќе биде отворена изложба на театарски експонати „Исчекор кон сонцето“, со која МНТ и Музејот на МНТ го почнуваат одбележувањето на 71 година од изведбата на првата претстава. Во периодот од 3 април до 3 мај МНТ ќе се претстави пред публиката со два презентациски концепта – виртуелен и театролошки.
Воведниот концепт е насловен „Виртуелна прошетка низ постоечката Уметничка збирка на Музејот“. Тој претставува прв применет виртуелен (дигитален) модел со 360 степени на експонирање од една музејска поставка во Македонија, со што е овозможено интерактивна посета на публиката од секоја точка на светот.
Прошетката низ Музејот на МНТ е достапна за публиката на овој линк.
Моделот на експонирање ќе биде воспоставен како стандард за сите следни изложби во продукција на Музејот на МНТ, вклучувајќи ја и изложбата „Исчекор кон сонцето“.
Изложбениот концепт е театролошка изложба под наслов „Исчекор кон сонцето“, која е четврто претставување на продукцијата на Музејот на МНТ почнувајки од 2013 година. Акцентот на музеолошката поставка е ставен на десетте претстави одиграни во првата сезона 1945/46, во кои го вградиле својот ентузијазам и жар десетици актери, режисери, сценографи, костимографи и други театарски работници – основоположници на Македонскиот народен театар.
Изложени се оригинални документи, лични предмети, фотографии, драмски текстови, костимографски и сценографски скици, како и реквизити кои биле дел од театарските претстави на МНТ. На тој начин се продолжува со претставување на највредните оригинални документи и предмети од збирките во сопственост на Музејот на МНТ.
Македонскиот народен театар на 3 април за публиката ќе биде отворен од 11 до 20 часот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.