| четврток, 6 декември 2018 |

Лицемерие на “Солидарност” или политички памфлет

Д-р Бона Лазар Бајрактарова, универзитетски професор

Д-р Бона Лазар Бајрактарова, универзитетски професор

 

 

 

 

 

 

 

Левичарското движење “Солидарност” себедефинирани како “борци за слобода, еднаквост и човекови права, заштита на природата и заштита на животните…” – се огласи со “Отворено писмо до институциите: Бараме отстранување на оградата!”

“Бараме отстранување на оградата!” Ваквото насловување на “писмото” сугерира благородна идеја. Mеѓутоа, откако ќе го прочитате текстот, се наметнува помисла која не кореспондира со првобитниот впечаток за целта на ова писание, за искрените намери…

Пишувачите, колку и да сакале/целеле да биде одбегнато, сепак сè води кон прашањето: – Дали навистина се загрижени за оние, чија слобода на движење (илегално!) е ограничена заради оградата на јужната граница: мигрантите  (морале да бараат нелегални патеки, па страдале); животните (имале стеснет животен простор, неможeле “безгрижно” да шетаат, час на македонска територија, час на другата страна; a, заради оградата биле исечени дрвја во државата…, во која зеленилото изминативе години доживеало своевиден масакр (политички памфлет!), ама не го спом/е/нуваат  фактот дека огромен број дрвца се засадени во градските средини – не сметајќи ги оние по голините на ридови/планини; доволно е да прошетаат само во О.Аеродром…

Во своето обраќање до “институциите”, иако многу внимателно срочено во насока на проширување на “контекстот” околу одговорноста за  оградите што го лимитираат движењето на “живиот свет” (се восприма како свесно ублажување на кажаното во текстот), прстот сепак е уперен кон македонските институции, кон државата Македонија! Бараат отстранување/рушење на оградата на јужната граница (на државата), бидејќи тие се залагале “за праведен свет каде човековите права важат за сите подеднакво…” Но, јас не сум сигурна во нивната искреност… Затоа, ова мое видување не може да се означи само како “обична скепса”, ако потсетам, дека вакви залагања, “крик” за одбрана на човековите права и рушење на оградите никогаш не покажале кога се во прашање Македонците; тие, на кои им е оневозможено правото на слободно движење (токму) преку јужната граница на која визуелно – нема ограда, отворена е, а суштински, за нив, е затворена и непробојна! За Македонци – некогаш дојдени дури од Америка, Канада…од секаде во/низ светот да ги видат родните огништа од кои под присила заминале (некогаш). Oстануваат пред, за нив виртуелно отворената граница… Затоа, и прашањето – каде е “Солидарност и поддржувачите” да се побунат, да кренат глас за таквата неправда и кршење на човековите права и достоинство? Некој ќе каже – прашањето за мигрантите е актуелно! Да. Ама прашањето на Македонците и диригираното СТОП пред непостоечката ограда “поставена” од јужниот сосед (барем засега) – е континуирано актуелно!

И, уште едно обраќање до Солидарност” (“ДОМ”, “Анима мунди”,  „Плоштад Слобода“, Хелсиншки комитет… на Р.М., Институт за Европска Политика,, „Ленка” и останатите потписници на иницијативата, која од човечки и морален аспект е оправдана: – Да, реакции се потребни,  гласни и еднодушни барања за отворени граници, без огради – ама за сите подеднакво – a не селективно!

Погрешна адреса

“Солидарност” и потписниците бараат од институциите на Р.М., отстранување на ограда/та/ која Република Македонија (не по своја волја) ја постави на јужната граница – како одговор, и во согласност со политиката на земјите од Европа – ТИЕ го побараа тоа од нашата држава со цел да се запрат мигрантите, бидејќи не биле во можност да ги примат (во ЕУ)?! Значи, барањето на “Солидарност” и поддржувачите всушност е намерно, заради политичка манипулација погрешно  адресирано. Адресата на која треба да се обратат не се македонските институции, туку – ЕВРОПСКАТА УНИЈА! Или, МЕЃУНАРОДНИОТ ФАКТОР, што и да подразбира тоа; некои во државата за се сè повикуваат/потпираат на него!

Инаку, што се однесува до мигрантите – апсолутно се согласувам дека треба да им биде обезбеден достоинствен престој, живот; во моментот – кај јужниот сосед (дел и кај нас). Но, на сите им е познато дека нивна посакувана дестинација се точно одредени (богати) држави на ЕУ, а не Република Македонија! Треба ли да “заглават” во Македонија, знаејќи дека рутата е затворена кон север! “Солидарност” и потписниците, свесно го игнорираат фактот дека северната граница на Македонија, Србија ја затвори за мигранти! А, кај нас, неволно се вратија, беа вратени(!) и оние што се наоѓаа во меѓузоната на двете држави; тие сеуште имаат (неизвесна) надеж дека ќе продолжат кон посакуваната цел – европските држави.

Во актуелнава ситуација  на т.н. мигрантска криза, мора јасно да се каже, дека Македонија само ги следеше постапките на земјите северно од нас! Тие ги затворија границите, а тоа го побараа и од нас. И крајно логично беше државата да ги заштити интересите (и) на своите граѓани. Во таа смисла, мора да им се оддаде признае на институциите – Претседателот на државата и Владата, за правовремената и соодветна реакција во ваквата /кризна/ состојба која носи бројни предизвици и за нашата земја!

И, за крај. Со целото сочувство кон луѓето кои бегаат од пеколот на војната и конфликтите во нивните држави, сепак, Македонија не е факторот (тоа го знаат сите, освен “Солидарност” и потписниците) кој може да го реши нивниот проблем. Нивната крајна цел е – Европа, и решението е кај неа! И, се разбира, кај т.н. Меѓународен фактор..

ПС. Во котекст на темава и “Отвореното писмо” – признавам, посебно сум изненадена од одредени потписници на “Писмово”, од нивното (нереално) барање во актуелните услови; не можам да верувам дека не разбираат – кои/какви би биле последиците од “отстранувањето на оградата” еднострано – само од Република Македонија! Затоа, одговорот на прашањето од насловотможе да биде само – потврден!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top