Во книжарницата „Матица ексклузив“ денеска во 19 часот ќе биде отворена изложба на академик Глигор Чемерски. Пред љубителите на уметноста познатиот уметник ќе се претстави со 36 слики-акрил и цртежи. Изложбата ќе ја отвори академик Георги Старделов.
Глигор Чемерски е водечко име во современото македонско сликарство. Во изминатите плодни творечки години оствари триесетина самостојни изложби во Скопје, Белград, Струмица, Кавадарци, Прилеп, Битола, Братфорд, Лондон, Единбург, Њујорк, а учествувал и на повеќе од двесте групни изложби. Добитник е на значајни награди и признанија во земјава и во странство.
Со изложбата на Чемерски, мултумедијалниот центар „Матица ексклузив“ ја продолжува востановената практика да ги промовира високите вредности на македонските сликари. Во изминатите месеци со свои дела беа претставени сликарите: Васко Ташковски, Коле Манев, Газанфер Бајрам, Владо Георгиевски и Симон Шемов.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


