Новак Ѓоковиќ продолжи со низата импресивни настапи и резултати откако рутински ја заврши работата против Доминик Тием, совладувајќи го со 6-4, 6-3 за пласман во четвртфиналето од Мастерс-турнирот во Мајами. Австрискиот тенисер даде достоен отпор, но Србинот беше најдобар кога беше најпотребно, спаси неколку брејк топки и покажа зошто важи за најдобар тенисер на денешницата.
– Доминик е предводник на новата генерација и сигурно ќе гледаме бројни негови одлични мечеви доколку продолжи со вакви игри. Тој неслучајно е многу близу до Топ 10 и убеден сум дека наскоро ќе влезе во ова одбрано друштво, неговите удари имаат голема ротација, игра слично како Вавринка, ефикасен бекхенд со една рака, варијации на „слајс“, силен и продорен форхенд. Игра паметно, а поради тоа што е многу силен најверојатно губи малку на брзина, јас го искористив токму тоа – го пофали Ѓоковиќ својот противник.
Српскиот тенисер делува без конкуренција на терените во моментов, но Новак откри дека мотивација наоѓа во рекордите што ги брка, како оној за најмногу Мастерс турнири што моментно го дели со Рафаел Надал (по 27).
– Рекордите ми се мотивација да се трудам уште повеќе, да загризам кога е потребно. Нормално, тие не се пресудна причина, но сега кога го достигнав врвот барам начин за да го одржам високото ниво на игра и посветеност. Среќа е што ја имам поддршката на најблиските луѓе, инаку се би било двојно потешко – истакна Ѓоковиќ.
Србинот во четвртфиналето од турнирот во Мајами ќе се сретне со Томаш Бердих.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.