| четврток, 6 декември 2018 |

Во Прилеп отворена изложбата „Ана Франк- лекции за сегашноста“

Изложбата го опфаќа животот на Ана Франк, но и историјата на евреите, сите оние кои биле засегнати од фашистичката идеологија и диктатура.

На 39 панели и со филм за „Ана Франк“, вчеравечер, 28 март, во галеријата од Домот на културата „Марко Цепенков“ во Прилеп е отворена изложбата „Ана Франк – лекции за сегашноста“.

На седум панели е опфатена и македонската историја од втората светска војна, објаснуваат од Младинскиот образовен форум од Скопје, организатор на изложбата.

– Овој проект, финансиран од ЕУ, а спроведен од Младинскиот образовен форум и куќата на Ана Франк од Амстердам има за цел, пред се, да ги запознае и да ги научи младите за Втората светска војна, за холокаустот, за животот и страдањата на Евреите и сите засегнати од злоделата од Втората светска војна, но и да ги научи младите на толеранција, на меѓусебно почитување, на прифаќање на различностите, со цел вакви хорори и терори никогаш да не се повторат, вели Димитар Низамовски, од Младинскиот образовен форум.

Пораката за самосвесноста и денешнината преку изложбата ја анимира и прилепскиот Центар за култура.

– Сакаме на еден начин да придонесеме за едукацијата на младата популација во нашиов град, вели Каролина Мицевска од Центарот за култура „Марко Цепенков“.

Изложбата официјално беше отворена на 27 јануари, на Меѓународниот ден на холокаусотот и на жртвите од холокаустот во Министерството за надворешни работи, а потоа прикажана и во Битола.

Изложбата во Македонија е изработена и донесена во рамки на проектот „Хисторија, Историја, Повјест – Лекции за денес“ поддржан од Европската Комисија. Во рамки на проектот воден од Ана Франк Хаус, а во соработка со организациите МОФ, ХЕРМЕС, Младинска иницијатива за човекови права и Отворена комуникација, изложбата ќе биде достапна за младите од Македонија, Хрватска, Босна и Херцеговина и Србија.

Во Македонија изложбата доби поддршка од Министерството за надворешни работи, Министерството за култура, Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија и Холандската амбасада.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top