Загреб приреди сензација со елиминацијата на Некар Левен во осминафиналето од Лигата на шампионите, а меѓу најзаслужните дефинитивно е Веселин Вујовиќ, тренерот кој уште еднаш покажа дека никогаш не се предава, а неговите тимови се најопасни токму откако ќе бидат отпишани, како што тоа беше случај со хрватскиот првак по поразот на првиот меч на домашен терен. Вујовиќ најде начин да ги крене своите играчи, кои влегоа максимално фокусирани во натпреварот, па дури и се вратија од негатива од пет гола за на крајот да слават и да се пласираат во четвртфиналето.
Во неделата беше Велигден за верниците од католичка вероисповед, а Вујовиќ го искористил и тоа за дополнителна мотивација на своите ракометари.
– Во неделата наутро, честитајќи им Велигден, им посакав на ракометарите јајцата да им бидат потврди од оние на противниците – со насмевка коментира Вујо, останувајќи цврсто на земја и не дозволувајќи еуфорија кај своите ракометари:
– Ми стигнуваат повици и пораки од сите земји, навивачите не чекаа на аеродром, но не треба да се прави хаос бидејќи немаме освено ништо. Ова е само едно од скалилата што треба да ги минеме за да стигнеме до нешто што се смета за успех.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.