Бугарскиот тенисер Григор Димитров успеа по подолго време да слави победа над еден од главните носители на силен турнир. Тој ноќеска успеа да слави над Едни Мареј на мастерс-турнирот во Мајами со 2-1 (6-7, 6-4, 6-3) во сетови, во меч кој траеше речиси два ипол часа.
Се чинеше дека тоа ќе биде уште еден класичен настап на Димитров бидејќи премногу грешеше и самиот му даде голем број шанси на противникот. Откако првиот сет го загуби во тај брејк, вториот го стартуваше со освоени 16 од првите 18 поени и поведе со 4-0. Во продолжение почна многу да греши, па го врати Мареј во игра со три гема во низа, но во клучните моменти, сепак, собра сили и израмни на 1-1. Во третиот сет Британецот поведе со 3-1, но Димитров освои пет гема во низа и обезбеди пласман во осминафиналето каде го очекува Гаел Монфис.
Поради овој пораз Енди Мареј ќе загуби многу бодови бидејќи лани стигна до финалето на Мастерсот во Мајами.
Најголем хит на Мастерсот во Мајами е босанскиот тенисер Дамир Џумхур кој по елиминацијата на Рафаел Надал, ноќеска го совлада Михаил Кукушкин со 2-1 (4-6, 6-1, 6-2) и првпат се пласира во осминафинале на еден Мастерс. Пласманот во следната фаза му носи 90 бода и 67 илјади долари, а може дури и да се надева на пласман во четвртфиналето бидејќи неговиот следен противник Канаѓанецот Милош Раониќ има повреда на рамото, но сепак ќе го започне мечот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.