Владата со детален отчет за проектот „Скопје 2014“ ги запре сите шпекулации поврзани со него. Проектот ни одблиску не чини колку што тврдеше опозицијата, над 500 милиони евра. „Скопје 2014“ отвори работни места, внесе приходи од туризмот и ја исполни историската обврска кон македонските херои. Проектот е потпора за македонскиот идентитет – ова денеска на детален отчет во Владата го соопштија министерката за култура на Република Македонија, Елизабета Канческа-Милевска, директорот на Службата за општи и заеднички работи, Васе Доневски, и поранешниот градоначалник на општина Центар, Владимир Тодоровиќ.
Канческа-Милевска потенцираше дека со овој проект се дава голем придонес за Република Македонија. Тој, додава министерката, не претставува пречка да се реализираат голем број инвестиции во останатите општествени сфери, како што се транспортната инфраструктура, здравството, трудот и социјалата и сл. Беше напоменето дека проектот е минимален трошок во споредба со другите проекти во земјоделството, здравството, образованието, социјалното осигурување, МВР, одбраната, екологијата, транспортот и инфраструктурата и други сфери.
– За вкусот не се дискутира, посебно бидејќи не може да се споредат нашите градби со ниту една градба во времето на СДСМ. Да изградеа барем една градба, без разлика дали е модернизам или кој било правец, тогаш би можеле да споредиме што е поубаво – смета Владата.
Процентот на годишно ниво за капитални инвестиции во проектот „Скопје 2014“ во 2008 година изнесувал 0, 5 од вкупниот буџет на Република Македонија, за 2009 0,76 проценти, за 2010 1,1 процент, за 2011, 2,2 проценти, за 2012, 1,6 процент и за 2013, 1,5 процент.
Таа истакна дека овие проекти веќе даваат резултати и дека обезбедиле работни места на 1.000 работници и семејства, а со изградбата на овие објекти се оствариле и заштеди по основа на кирии. Скопје, додава министерката, со овој проект прерасна во метропола со бројни знаменитости. Проектот придонел и за зголемување на посетеноста на нашата држава. Според Владата, дебатата за тоа дали барокот е убав е наметната за да се затскрие фактот што СДСМ нема ниедна градба зад себе и каде оделе парите претходно во времето на СДСМ. Како што информираше, посетеноста е зголемена за 54 проценти.
Министерката напомена дека од 2008 година Владата на Република почна да го почитува принципот на отчетно работење и јавно да ги објавува сите склучени договори на веб-страницата на Бирото за јавни набавки. Како што рече, претходно не постоеше практика сите јавни набавки, сите склучени договори, јавно да се објават на веб-страницата на Бирото за јавни набавки, па така тие беа енигма за граѓаните и не беа достапни за јавноста.
– И покрај тоа што на веб-страницата на Бирото се достапни сите договори и секој има достап и може да изврши увид, сведоци сме на бројни обвинувања, шпекулации за да ја дефокусираат јавноста. Вкупниот износ на проектот „Скопје 2014“ изнесува 207 милиони евра – рече таа.
Канческа-Милевска денеска ги информираше граѓаните за сите склучени договори за реализацијата на објектите од проектот „Скопје 2014“ кои, како што рече, се во надлежност на Министерството за култура, а такви се: Зградата на стариот театар, Музејскиот комплекс на македонската борба, Концертната сала на Филхармонијата и 35 скулптури во централното градско подрачје, каде што спаѓаат и изградбата на „Порта Македонија“ и изградбата на скулптурата „Три врби“ во реката Вардар, како и за средствата што Министерството за култура ги отстапува на другите општини за изградба на спомен-обележја.
Канческа-Милевска, Тодоровиќ и Доневски детално известија колку пари и со каква намена досега се потрошени од буџетот на Република Македонија.
Владимир Тодоровиќ нагласи дека од целокупните суми што се наведени како авторски хонорар, за авторот се наменети само 10-20 проценти, а дека другите средства се на име на авторски трошоци (закуп на простор, ангажман на асистенти и соработници, изработка на калап во глина, изработка на калап во гипс, леење итн. ). Тој нагласи дека голем дел од овие средства авторите ги враќаат повторно во државната каса како ДДВ и како персонален данок.
Одговарајќи на новинарско прашање за обвинувањата во однос на стилските решенија, Канческа-Милевска рече дека и не може да се говори за стилови затоа што, како што нагласи, во минатото воопшто и не се градело. Потенцираше дека паралелно со спомен-обележјата се гради и во сите други области на општественото живеење.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


