| четврток, 6 декември 2018 |

Тајни бази

Ацо Станковски

Ацо Станковски

Во овој комплексен и дивергентен свет, за интелигентниот реципиент да не влезе во еден хаотичен ментален процес, кој може во целост да го разори неговиот идентитет, кој, всушност, е една когнитивна оска на проекција околу која се формира егото како свест за себе и, секако, една субјективна перспектива на препознавањето на светот, но и конципирање на разни идејни и творечки реализации, големата и чудесна моќ на човековиот ум создава еден ингениозен систем на симплификација, генерализација и сублимација на цели констелации и феномени, кои со помош на оваа прагматична дарба на практичниот ум – што би рекол Имануел Кант, ги става во видлив, логичен и манипулативен поредок навидум хаотичните нешта во самата егзистенција.

Како човековата мисла и имагинација освојуваат сѐ понови и поголеми простори во претпоставената бесконечност, така во стварноста се формираат сѐ повеќе и повеќе димензии на сфаќањето на реалноста. Ова поимање на постоењето не е само некоја доктринарна идеологија, произлезена од теоријата и приспособена на животот на одредени групи луѓе, тоа е многу повеќе од ова: идеолошките псевдоподии вешто се вметнуваат во структурите на умот и таму развиваат свои пунктови на генеза, опстанок и експанзија. Тоа се таинствените експозитури на идеолошкиот епицентар, конципиран веќе како култ на една суптилна митологија, произлезена од чувството на припадност, на заедништво и на посветеност.

И токму во тие неосвестени зони, каде догмата се среќава со потсвеста, каде што рационалните системи навлегуваат во небулозните пространства на хаосот и неспознатливото, токму таму почнуваат емоциите.

Оваа драматичност создава потресни и длабоки искуства, кои тешко се забораваат. Така култот станува жив, така посветеникот почнува да му служи.

Во основа на оваа психоаналитичко патување опстојува концептот на вредноста. Вредноста е приоритет, вредноста ја окупира целата наша волја, таа станува ултимативна цел, сон или парадигма, идеал, кон кој одиме со сите наши сили.

Човекот е кршливо суштество, тој е во постојана потрага по сигурност. Тој е свесен за суровоста на светот, за опасностите што се закануваат постојано, за сопствените ограничени енергетски ресурси, за бруталното изморување од кое нема бегање, доколку му се приближи на тоа таинствено место, каде што „познатото“ длабоко навлегло во „непознатото“, и не знае, како да се врати назад во безгрижноста, блаженството и во спокојот на едно неделно, сончево попладне.

Но овие забегувања постојано се случуваат, а кутрите загубени души имаат само два избора, едниот е да се одметнат од здравиот разум и да тргнат во едно крајно непознато патување, при кое исчезнуваат сите можни конвенции, но и вредности, а вториот избор е да се пронајдат слични ентитети и да дојде до едно здружување врз идеолошка или, пак, прагматична основа.

Токму ваквите здружувања во зоните на непознатото резултираат со создавањето на таканаречените „тајни бази“.

Тајните бази се распослани по маргините на легалноста, тие можат да опстојат само во просторите на хаосот и беззаконието. Непрегледните пространства на суровата дивина е нивниот оперативен простор. Повеќе, оваа нивна зона на дејствување, би ја нарекол – азил, но тајните бази живеат и тие се во чудесна симбиоза со непроодниот ареал. Така, на пример, тешката достапност и непостоењето на сообраќајна инфрастуктура во зоните на непознатото се извонредна заштита и сигурност за тајните бази.

Но, тука, нештата стануваат парадоксални, тајните бази се, всушност, бегалци од конвенционалните простори и легалистичките територии, тие како да кријат нешто. Таа нивна конспиративност упатува на некоја значајна вредност, која треба да се осигури и заштити од разурнувачката тортура на светот, во кој системот на контрола управува со сите сегменти на општеството и пресудува што е коректно, а што е погрешно и треба, како такво, да се деконструира или елиминира од системот.

Значи, по дефиниција, тајните бази се илегални. Но, сепак, тие создаваат некаква пожелна вредност, која ги собира партиципиентите врз најразлични интересни основи.

Најопшт и најбанален е лукративниот принцип. Повеќе од деведесет отсто од партиципеинтите во конституцијата на тајните бази се ентитети, во чијшто регистар на вредности како приоритет се поставени материјалните вредности и, секако, парите, како сублимат на оваа вредносна енергија.

Потоа доаѓаат осамените и романтичните, тие што не можат да живеат, ниту со светот, а ниту, пак, со себе. Овие нажалени и крајно сентиментални личности се длабоко потресени од бескрупулозноста на конвенционалните општествени процеси, тие се во постојан стрес кога се наоѓаат експонирани пред експертизата на системот. Се чувствуваат безвредни и тривијални, постојано се на работ на екстремните депресии, кои ги тераат на суицид.

Тајните бази се одлично прибежиште за нив. Таму тие се чувствуваат заштитени и сигурни, таму тие, конечно, можат да почувствуаат малку мир и спокој.

Од друга страна, тајните бази се како затвори, а тоа е одлично место за овие сентименталисти, кои се во вечна потрага по некоја емоционална вредност, по некоја константа на човечките релации.

Третата категорија на партципиентите во тајните бази е една група со утописки идеи, група што сонува и се обидува по секоја цена да ги оствари своите сништа. Ова се, секако, опасни луѓе, но во светот на легалноста тие би биле обични кловнови, кретени и лудаци, на кои масите би им се смееле. Ваквите индивидуи во конвенционалниот свет брзо би завршиле во некоја душевна болница или во затвор. Но, овде, во тајните бази, тие се авангардата и елитата, токму самите идејни творци на овие таинствени дувла.

Конечно, што, всушност, се случува во тие таинствени бази?

Некои дејства се веќе познати и посочени, а некои сѐ уште остануваат енигма.

Овие тајни бази најчесто луѓето ги поврзуваат со некакви тешки криминални дејства: производство на дроги, оружје, трговија со човечки органи и робје, најперверзни типови на проституција, револуционерни и терористички полигони за обука, проучување и дисеминација на разни болести, вируси и бактерии, хемиски оружја, атомски оружја, забранети култови, експерименти со живи луѓе и животни, генетски експерименти со храна, средби со чудни ентитети, блиски средби од трет вид, проучување на непознатото и многу други непредвидливи и неверојатни чудоредија.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top