
Колумнист:
Ацо Станкоски
БАРОК
Отсекогаш биле загадочни и непредвидливи патиштата на уметноста. Тоа најдобро се гледа при студиозното проучување на биографиите на големите творци, на нивното дело дело и секако општествено–политичките состојби на времето.
Се е тоа грижа на Историјата на уметноста, која станува збирка на истории за човековото поимање на просторот и времето исполнети со духовност и поетика, творештво и драматичност.
Едно од тие поглавја е историјата за еден значаен период во западната уметност, а тоа е динамичната и фасцинантната претстава на барокот, која ќе израсне од едно турбулентно време. При крајот на XVI и почетокот на XVII век колонизацијата на новиот свет е во полн замав. Со „христијанизација“ на претколумбиските култури во Америка стигнува и барокот. Отворањето на Русија кон Западот во времето на Петар Велики, му овозможува на барокот да продре и во најзафрлените катчиња на Евроазиската царштина.
Барокот се појавува насекаде. Дури и во Отоманската Империја (во архитектурата и дизајнот) која е сигурно приклештена на Дунав. Барокот е омилен и во католичкиот и во протестантскиот свет, а и во православниот, или она што останало од него по инвазијата на Османлиите. Затоа со сигурност можеме да потврдиме дека барокот е првиот „глобалистички“ стил. Тој ќе се манифестира низ целата западна хемисфера (низ Европа и колониите во Америка, Африка и Азија), а некои ориентални култури со текот на времето ќе прифаќаат се повеќе и повеќе сегменти од овој во основа полн со атрактивни решенија стил.
Барокот почнува во доцните периоди на маниризмот – стил кој се обидува да ги сумира вредностите на високата ренесанса (и во наративен и во естетски смисол). Првите барокни уметници се браќата Карачи, инспирирани од Коредо и венецијанската школа (Тицијан, Веронезе, Тинторето).
Но навистина најголемо влијание на уметноста на барокот ќе изврши Микеланџело Меризи Караваџо. Неговиот сугестивен реализам и драматичниот кјарообскуро ќе предизвика неверојатно влијание на уметноста од неговото време, а и подоцна.
Новиот стил „Набреу“ од Италија ќе се пренесе во Франција, Германија, Фландрија, Холандија, Шпанија, Британија и насекаде низ цивилизираниот свет. Овој процес на транзиција на западната уметност (преку Алпите) се одвиваше еден век порано (преку Дирер), а овој пат (во времето на Караваџо) се создадоа еснафи од сликари наречени – „караваџисти“ (како Валантан, Жорж де ла Тур или Хосе де Рибера) кои го проследуваа овој нов стил, усовршувајќи го и оставајќи фасцинантни дела низ урбаните и аристократски центри на христијанска Европа. Можеби и од ова време датира таканареченото ходочастие на уметниците од Европа во Италија. Да ги проучуваат делата на големите уметници на ренесансата, но и на оние на Караваџо.
Еден од тие генијални ходочасници ќе биде и младиот гениј од Фландрија – Питер Паул Рубенс. Сликар на аристократијата, уште како млад ученик по сликарство во Антверпен, се запознава со делата од Италија, сликани под влијанието на Караваџо. Подоцна како мајстор, иако млад патува зад Алпите и ги копира делата на Леонардо, Микеланџело, Тицијан… Ова искуство ќе направи од младиот мајстор Рубенс ерудитивен (во сликарски смисол) гениј, уметник кој создава стил што ќе ја преплави северозападна Европа.
Целиот католички северозапад е фасциниран од титанските фигури чиј инкарнат вибрира од фините колоритни модулации и од развиореноста на монументалните сцени (како преземени од делата на Тинторето).

Атељето на Рубенс однегува врвни уметници, кои подоцна ќе го прошират влијанието на ова полно со живот сликарство. Еден од тие генијални наследници на Рубенс е и Антони ван Дајк, еден од најдобрите портретисти на своето време. Достоен наследник на Рубенс, дури и порафиниран во одредени сегменти на сликарската уметност. Ван Дајк го пренесува искуството на Рубенсовата школа во Англија, каде ќе стане дворски сликар на кралот Чарлс II.
Ако повлечеме некакви судбински паралели помеѓу Дирер и Рубенс, тогаш истите можеме да ги повлечеме и помеѓу Ван Дајк и Ханс Холбајн – помладиот (земајќи го во предвид нивниот престој во Англија). Можеби Ван Дајк како и Ханс Холбајн, веќе биле „инфицирани“ од протестантската црковна идеологија, а можеби се работи за престижна позиција на дворски сликари.
Дистанцата помеѓу овие собитија (Дирер – Рубенс и Холбајн – Ван Дајк) е повеќе од еден век, што зборува за веќе воспоставена пракса на одредени „движења“ во ликовната уметност во западна Европа.
Во католичка Шпанија барокот станува национален стил. Почнувајќи од Рибера и Зурбаран, па се до Веласкез и Муриљо и понатаму до Гоја, се до XIX век, барокот ќе ги покаже своите најстрасни и најколоритни изданија.
Шпанскиот барок е фузија на караваџијанската драматична игра на светлото и сенката и, воздушестото сликарство на Ел Греко. Кулминација на оваа историска стилска синтеза е во неповторливото дело на Диего Веласкез родум од Севиља. Уште како млад гениј ќе биде претставен на дворот во Мадрид каде станува дворски сликар на кралот Филип IV од Шпанија. Неговиот опус е величествен и антиципирачки. Влијанието што ќе го има врз Едвар Мане и импресионистите доволно говори за магнитудата и далекувидоста на неговиот гениј. Веласкез е реалист кој го сакрализира материјалниот свет до поетска визија на чистото сликарство. До божествена игра низ која се создава реалноста и светот. Веласкез е татко на реализмот (како Рембрант) и воедно првиот „фотограф“ во уметноста на сликарството (неколку века пред иновацијата на фотографскиот апарат), како и неговиот современик од Делфт (Холандија) – Јан Вермер.
Дури и модернистите како Пикасо и Дали се инспирираа од вонвременскиот гениј на Веласкез – тој прониклив толкувач на човековата душа низ сликарската игра. Оваа игра ќе се рашири низ сликарските езотерични елити, но до времето на Франциско Гоја никој не ќе може така добро да го изрази потенцијалот што се создаде во шпанската ликовна култура следните век и половина. Гоја го продолжува делото на Веласкез и секако на незаобиколливиот Ел Греко од Тоцедо. Гоја е можеби првиот модерен сликар. Татко на експресионизмот. Тој ги ползува искуствата на Рембрант, пред се во драматичните претстави на илуминација, во гравирите со фантазмагорични претстави и претставите од војната (инспирирани од Наполеоновата окупација на Шпанија).
Во овие дела Гоја покажува силен смисол за политичкото и историското битие на светот во кој живее. Тој ги слика своите современици аристократи со неприкриена гротескност, па и карикатуралност (антиципација на Оноре Домие) оставајќи сугестивни ликовни записи на цела една империјална епоха во распад. (продолжува*)
*Продолженијата од фељтонот Епифанија и Епигонија ќе бидат објавувани секој понеделник
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


