Легендата на „црвените ѓаволи“ инсистира Манчестер Јунајтед да не отстапува од досегашната политика на клубот – овозможување шанса на младите играчи во првиот тим.
Сегашниот помошник-тренер на Ван Гал во Јунајтед, Рајан Гигс истакна дека клубот мора постојано да им дава шанса на младите „академци“ од својата школа „Карингтон“, без разлика кој ќе биде тренер (менаџер) на тимот следната сезона.
„Мислам дека тоа секогаш ќе биде еден од главните сегменти во филозофијата на клубот. Тоа е огромен дел од нашата историја, нешто што нѐ разликува од другите клубови“, истакна велшката фудбалска легенда.
Сегашниот менаџер Луис Ван Гал, од почетокот на неговиот ангажман на „Олд Трафорд“ во 2014 година, им овозможи шанса на дури 14 младинци од домашната школа на Јунајтед, „Карингтон“. И покрај успехот на тоа поле, за што доказ се Лингард, Бортвик-Џексон и Рашфорд, холандскиот тренер поради слабите резултати со тимот повеќе од веројатно е дека ќе се раздели со Јунајтед на крајот на сезоната, а се поверојатно е дека кормилото на „црвените ѓаволи“ ќе го превземе контроверзниот Жозе Мурињо.
Познато е дека Мурињо повеќе преферира скапи засилувања, отколку да игра со млади играчи. Сепак, Гигс предупредува дека тие две стратегии секогаш може успешно да се искомбинираат.
„Можеме да донесеме засилувања од светска класа, од било кој дел од светот, но покрај нив сакаме секогаш да имаме и ‘деца’ од нашата академија, без разлика дали тоа ќе биде напаѓач, играч од средниот ред или дефанзивец“, додаде помошниот тренер на Јунајтед.
Славното лево крило на Јунајтед смета дека публиката сака кога ќе види млад играч од својата околина, кој „гине“ за својот дрес и знае што значи да настапува за тимот од „Театарот на соништата“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.