| четврток, 6 декември 2018 |

Создавањето македонска држава било и ќе биде ѓаволски тешка работа

gorazd-capovski-90x115

Колумнист: Горазд Чаповски

Трите балкански држави, Бугарија, Србија и Грција ја силуваа Македонија во 1912/13 година, така што париските миротворци неколку години подоцна го санкционираа силувањето. Народи што дотогаш ниту сонувале за политичка независност добија свои независни држави. Македонците што веќе две генерации крвават за својата независност паднаа во очај, талкаа како стадо замајани овци. Христо Матов, стратегот на ВМРО, дури почина од тага и од очајување.

Комплетно беше уништен територијалниот интегритет на Македонија, се чинеше дека дури и името Македонија ќе исчезне од картите и од географските книги. Јужна Србија, Северна Грција или, пак, Петричка Област, тоа беа трите нови провинции. Македонското прашање беше погребано во Париз, можеби живо закопано,но, сепак, закопано, народот се распрска.

Тодор Александров, како прагматичен човек, ја разбра моментната ситуација. Затоа ја оживеа ВМРО, така што правејќи го тоа го воскресна и македонското прашање и го сочува во живот брзото вештачко дишење. Александров во себе го носеше бунтовничкиот дух на Македонија, „Слобода или смрт“, знаеше дека мора да почне одново од ништо. Си намота волнени гамаши, си обу сандали од воловска кожа, си ја опаша половината со реденик, направи нови војнички униформи на ВМРО и ја стави под своја управа Петричката Област или, кажано по наше, Пиринска Македонија. Тој беше сосема свесен за опасноста од губењето на македонскиот идентитет во окупираните три дела на Македонија. Александров се погрижи Петричката Област да си ја сочува свеста за сопствениот македонизам.

Во погубен историски свијок, тој ја спаси македонската кауза од крш и ја поведе на патот на националните идеи.

Александров ја присвои Петричката Област од бугарската влада и таму си основа сопствена македонска државичка.

Во другите два дела името Македонија или Македонец беше целосно забрането. Во Македонската држава името Македонија и Македонец беше инкорпорирано во имињата на сите трговски и други организации. Сликите на дејците на македонската кауза висеа во училиштата, кафеаните и во приватните домови.

Фондацијата на „Рокфелер“ беше наведена да потроши илјадници долари за да се расчистат мочуриштата што ширеа маларија. ВМРО градеше патишта, организираше индустриски и трговски корпорации и продолжи од овој дел на Македонија да гради пример за тоа што се надеваше дека ќе го направи со цела Македонија кога ќе ѝ се даде можност.

Петричката Област на Александров беше целосна држава, со своја тајна влада што си одржуваше судови на правдата и ефикасно ги управуваше сите поштенски услуги (со поштенски слики на дејците од ВМРО), исто како во редовно основана влада. Дури размислувале за воведување свој монетарен систем.

Кога си ја обнови надежта во 1920 година, Александров не ни сонуваше дека Македонците, игнорирани и распнати на мировни конференции, ќе станат наеднаш фазен фактор на еден толку голем план.

Фактички, од тогаш почнуваат големите поделби на Македонците и нивната идеолошка спротивност на комунисти и на антикомунисти, која, за жал, трае и до денес или, пак, на врховисти и на федералисти.
Виенскиот манифест ги носеше потписите на Александров, Протогеров и на Петар Чаулев. Александров и Протогеров потоа се откажаа од потписите бидејќи беа сосема свесни каква идеолошка боја има македонската кауза во тоа време.

Беше летото 1924 година и конгресот беше свикан за 1 септември во село Лопово на Пирин Планина. Целта беше да се избере нов централен комитет и, секако, одрекување од Мајскиот манифест и забрана за какво било соединување со Третата интернационала и со комунизмот. Потоа доаѓа неговиот атентат и познатата Ноќ на ножевите кога Ванчо Михајлов убива стотина Македонци.

Народот го познаваше Александров и ќе го овековечи повеќе како светец отколку како херој бидејќи, пред сѐ, веруваше во успехот на македонската кауза како морален чин.

Очигледно, создавањето македонска држава било и ќе биде ѓаволски тешка работа.

(објавено во 26. број на неделникот „Република“, 1.03.2013)

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top