
Колумнист: Мојсо Мојсовски
Скопјани прописно се избрукаа! Го демантираа уздуж и попреку познатото, корзаџиско – виенска школа, балкански смер. Како можеа на една угледна и префинета дама да ѝ ги избројат годините? Ај што ѝ ги избројаа, туку и јавно ги кажаа и ѝ ги прославија. Цели сто. И не само тоа. Да останеше само на палење свеќички и на торта ајде де, но дамата можеби сакала да го скрие идентитетот, па во своето времешно битисување и постоење напати си го менувала името. Пукнавме додека со документаристичка точност не ѝ го одредивме и времето од кога до кога како се нарекувала… Јени џаде, улица Краља Петра, Цар Борис, улица Маршал Тито и улица Македонија.
За нас дечишта од Циган маало таа немаше име – многу долго беше само главна улица. Ја поминувавме доаѓајќи по улицата Луј Пастер, најчесто кога идевме у кино. А, тоа беше речиси секојдневно. По неа немаше некој густ сообраќај, но, сепак, беше фасцинантно широка, небаре е Вардар, и треба да се преплива и да се стаса на другиот тротоар.
Излозите на тогашните продавници за нас имаа посебна драж.Чекајќи да дојде време за кинопретставата ги лепевме носињата на стаклото од дуќаните и подзинати ги гледавме чудесиите изнаредени да го привлечат вниманието на купувачите и на муштериите.
Главната улица ми е во сеќавање по безброј ситници и значајни настани од детството и од младешките денови. Нема да ги споменувам посебно корзаџиските пријатни и треперливи мигови, измрзнувањето за мали пари од продажбата на новогодишни честитки, еднодневната брза заработка од нудењето цвеќе за Осми март,тепачките меѓу припадниците на две маала, првите рандевуа, тикетите за спортска прогноза пополнети во Пелистер, фотографирањето од уличните фотографи со значајното прашање – кога ќе бидат готови фотографиите, долгите чекања покрај реката народ што покрај Вардар, кај Камени мост, се движеше кон градскиот стадион со молежливото – чичко да влезам со тебе…
И ден денес до некогашната продавница за штофови „Громби“ постои часовничарски дуќан. Мал, но доволно широк и со голема гостољубивост на мајстор Стамат. Откако знам за себе, со татко ми сме доаѓале за поправка на мерачите на времето тука, а тоа го продолжив и јас. Само што на овие ретки посети им дадов и друга димензија – долги разговори со Стамата, кој беше некаде од западниот дел на Македонија, што посебно ми влеваше некаква доверба и извесно чувство на блискост,со оглед на моето потекло. Неговите опсервации имаа прецизност на швајцарски часовник, што се однесува до точноста на податоците врзани за улицата што се простираше пред дуќанчето со сета своја убавина и загадочност што ја носеа долгите години на нејзиното постоење.
И воопшто не е чудно што обајцата речиси во еден глас констатираме – не е како порано, а и не може да биде, нели!
(објавено во 24. број на неделникот „Република“, 15.2.2013)
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


