Битола, Пелистер и Даме Груев се имињата што ќе ги носат три нови улици во македонската општина Маркам во Канада, а на чие отворање се одржа и церемонија во присуство на претседателот Ѓорге Иванов.

– Македонскиот град Битола е познат како градот под Пелистер. Не случајно, веднаш до улицата „Битола“ има уште една улица со македонски топоним – „Пелистер“. Како во Македонија, така и овде, во Канада, „Битола“ се наоѓа под „Пелистер“. Но, постои една друга, суштинска сличност, а тоа е посветеноста кон мултиетничкиот, мултирелигискиот и мултијазичниот соживот на сите граѓани. Секоја на својот начин, Македонија и Канада, се посветени на моделот на интеграција без асимилација. Модел што е присутен и тука, во Маркам. Модел што ви овозможува вам, Македонците од дијаспората да ги чувате, градите и унапредувате нашите македонски традиции, јазикот, културата – рече Иванов пред присутните.
Македонскиот претседател упати благодарност до градските татковци на Маркам, оценувајќи дека со именувањето на овие улици придонесуваат кон зацврстувањето на односите меѓу двете пријателски земји.
– Моите домаќини ми кажаа дека уште од своето формирање, пред повеќе од два века, градот Маркам бил отворен за луѓе од различна етничка, верска и културна припадност. Тие со себе го донесоа и креативниот потенцијал и го инвестираа во овој прекрасен град – рече Иванов.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


