| четврток, 6 декември 2018 |

Претставата за доброто и за злото, „Снежана и седумте џуџуња“ – нова премиера во Драмски театар

Јас растев со претставите на Драмски и тоа со детските како „Баш челик“, „Чук, чук Стојанче“ и други Оваа претстава им ја посветувам на моите драги Коле и Дади Ангелоски - вели Бошковска, која ја направи драматизацијата и адаптацијата на текстот

В недела, на Светскиот ден на тетарот, 27 март во Драмски театар во Скопје ќе се одржи премиера на претставата за деца „Снежана и седумте џуџиња“ во режија на Димче Николовски.

Драмски закажа две премиери на 27 март во 11.30 и во 13.30 часот.

– Ја продолжуваме политиката на Драмски и секоја година имаме по една детска претстава. За нас како театар е исклучително важно да имаме на репертоар по една детска претстава бидејќи сметаме дека детската публика е многу важна. Од неа подоцна се регрутира постојана публика. Сакаме Драмски подоцна да им биде прва станица пред излегување во град – вели Рубенс Муратовски, уметнички директор на Драмски театар.

Сценографијата на претставата е на Сергеј Светозарев, костимите на Лира Грабул, музиката на Димитар Андоновски, а драматург и автор на драматизацијата е Александра Бошковска.

snezana i sedumte dzudzinja1

Во ликот на Снежана настапува Александра Павлова, на која ова ѝ е прва главна улога, по неколкуте споредни во „Македонска крвава свадба“, „Архелаос или Еврипид се враќа на Балканот“, „Солунски патрдии“ и „Кавкаски круг со креда“.

Во другите улоги настапуваат Александар Степанулески, Трајанка Илиева – Велиќ, Калина Наумовска, Златко Митрески, Димитрија Доксевски, Мартин Минговски, Дритон Вејсели, а џуџињата ги толкуваат Соња Стамболџиоска, Сања Арсовска, Благица Димитровска, Емилија Мицевска, Бобан Алексоски, Дарко Карбески и Марко Илиќ. Дел од нив сѐ уште студенти на ЕСРА или, пак, се диполмирани актери.

vesterkata i snezana

Приказната за Снежана, нејзината лоша маќеа и седумте џуџиња, е веројатно првата покомплексна приказна со која се среќаваме како деца.

– Преку неа, влегуваме во чудесниот нов свет на фантастичното, исполнет со волшебни суштества, волшебни предели и магии. Од друга страна, првпат и на прифатлив начин нè соочува со комплексните морални и животни поими и појави како што се љубовта, смртта, зависта, љубомората, доброто и злото. Па не е воопшто чудно што генијалниот Волт Дизни ја избрал токму оваа бајка како предлошка за првиот долгометражен анимиран филм на сите времиња. Кога ќе тргнеме од овие позиции, се чини дека „Снежана и седумте џуџиња“ е идеална приказна преку која децата ќе ги внесеме во уште еден нов и чудесен свет – светот на театарот – вели драматругот Бошковска.

kralicata

Дејството, ликовите и поуките им се добро познати, па лесно се следат иако се преточени во поинаков, театарско-сценски раскажувачки модел.

– Јас растев со претставите на Драмски и тоа со детските како „Баш челик“, „Чук, чук Стојанче“ и други Оваа претстава им ја посветувам на моите драги Коле и Дади Ангелоски – вели Бошковска, која ја направи драматизацијата и адаптацијата на текстот.

Според неа, во оваа изведба на „Снежана и седумте џуџиња“ таа сака децата да се научат да следат текст и дејство на сцената.

– Важно е децата од мали да научат да следат реплика и дејство на сцената и мислам дека сме на добар пат да го постигнеме тоа – вели Бошковска.

Нема ограничувања во годините во оваа претстава, така што неа слободно може да ја гледаат деца од пет години, па нагоре, велат од Драмски.

snezana i sedumte dzudzinja3

– Нема ништо насилно и страшно во оваа „Снежана“. Да, на Снежана ѝ го вадат срцето, ама тоа го има и во приказната. Јас се потрудив оваа Снежана да го има карактерот на денешните девојчиња, да биде пожилава и посамоволна – додава Бошковска.

Павлова, која го толкува ликот на Снежана, вели дека поминале прекрасен процес на работа.

– Снежана е приказна што сите ја познаваме, тоа е евергрин. Мојот лик е олицетворение на доброто и пораката што ја испраќаме е дека не треба да се губи надеж затоа што љубовта победува – вели Павлова.

Ликот на Принцот го толкува Димитрија Доксевски.

princot i snezana

– Да бидам искрен, никогаш не се замислував како Принц. Ова од објективни причини, се гледам секое утро во огледало. Можеби повеќе личам на Вештерката, но повеќе во надворешниот изглед. Ќе се потрудам да заличам на Принц, костимот многу ќе ми помогне, верувам во тоа. Но, тоа што сакам да кажам е дека театарската публика се негува уште од мала возраст. Сметам дека секој современ театар треба да негува детски претстави. Подоцна, публиката што доаѓа на детските претстави ќе прерасне во публика што ќе доаѓа во театар – вели Доксевски.

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top