| четврток, 6 декември 2018 |

Спортската академија почна соработка со еминентни и докажани спортисти

За да се издигне на повисоко ниво Спортската академија, сега веќе средно училиште, започна соработка со еминентни и докажани спортисти кои ќе одржуваат часови во училиштето и ќе го споделуваат своето знаење и искуство директно со учениците од Академијата.

Денеска во академијата заедно со учениците од ракометната паралелка беше ракометниот тренер и стратег Лино Червар, еден од најголемите стручњаци во ракометот на светско ниво со кој и започна проектот на Спортската академија „Гости- Тренери“. Следни спортски имиња кои се најавени дека ќе одржат часови со учениците се Индира Кастартовиќ и Мартин Докузовски.

– Се трудиме да ги поддржиме талентираните спортисти и во спортскиот и во академскиот развој. Академијата има 779 ученици вклучително со дисперзираните паралелки во деветте града низ Македонија. Само во Скопје има 385 ученици. Застапени се четири спорта:  тенис, кошарка фудбал и ракомет – истакна Дејан Јовановски, директор на Спортската академија.

Лино Червар изрази задоволство што бил поканет од Спортската академија и нагласи дека во Македонија има многу таленти, само треба да се работи многу и да се има добар план.

– Гледам дека се инвестира во децата, се градат спортски сали, тоа е вистинскиот пат. Да се инвестира во децата е најголема инвестиција и ова е еден голем чекор кој го направи Македонија бидејќи го препозна она што денеска е многу важно. Ако инвестираме во децата дури се мали тогаш ќе имаме помалку проблеми и во општеството и во светот –  истакна Червар.

Според него треба да се работи, да се вложува и да се зголеми самодовербата кај децата бидејќи секој родител сака да има успешно дете и на секое дете треба да му се даде надеж за да може да дојде до врвот на пирамидата.

На тренингот на учениците од ракометната паралелка на Спортската академија  присуствуваше и заменик министерот за образование и наука Спиро Ристовски.

– Спортската академија треба да се издигне на едно повисоко ниво, самите ученици да доживеат дека во овој процес покрај спортот многу е значаен и процесот на едукација. Покрај тоа што треба да имаме квалитетни спортисти и потенцијални репрезентативци, многу важен елемент е квалитетот на нивното образование. Како Министерство ќе продолжиме во соработка со спортската академија да го развиваме и тој елемент, истакна Ристовски.

Ристовски најави дека набрзо ќе излезе и новиот конкурс за упис во Спортската академија за учебната 2016/2017 година.

– Апелирам до сите талентирани ученици кои се во основно образование, а имаат афинитети кон фудбал, кошарка ракомет или тенис да ги разгледаат можностите за нивна апликација во процесот на селекција за Спортската академија, истакна Ристовски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top