Односите меѓу САД и Куба не можат да претрпат трансформација за само една ноќ, изјави американскиот претседател Барак Обама по разговорот во Хавана со Раул Кастро, пренесоа британските медиуми.
Обама, меѓутоа, денешниот ден го оцени како нов почеток во односите на САД со оваа карипска островска држава, дополнуваат француските медиуми.
Американскиот претседател изјави дека имал отворен и чесен разговор со Раул Кастро за прашањето на човековите права, пренесоа британските медиуми. Тој на Кастро му заблагодари за духот на отвореност за време на разговорот. Претседателот изрази надеж дека утре ќе има можност да се сретне и со претставници на кубанското граѓанско општество. Тој кажа дека пред кубанскиот лидер подвлекол дека САД ќе продолжат да зборуваат за поддршката на демократијата во Куба, како и за прашањето за човековите права во Куба, пренесоа британските медиуми.
Зборувајќи за Кубанците, Обама изјави дека иднината на Куба ќе биде решена од самите Кубанци, пренесоа француските медиуми.
Обама уште додаде дека САД се подготвени да воспостават повеќе трговски врски со Куба, што ќе доведе до создавање на работни места како за Американците, така и за Кубанците.
Претседателот го повика Кастро да го дозволи создавањето на повеќе заеднички фирми, како и на странските компании да им дозволи директно да вработуваат Кубанци, пренесоа британските медиуми.
Обама информира дека американските авиокомпании годинава ќе почнат со директни летови до Куба.
Кубанскиот лидер од своја страна ја поздрави поддршката на Обама и на американската Влада во Конгресот за прашањето за кревање на американското ембарго, што врз Куба е наметнато од 1962 година, пренесоа француските медиуми. Последните мерки на Обама за олеснување на ембаргото Кастро ги оцени за позитивни, но недоволни чекори, дополнуваат британските медиуми.
Кубанскиот лидер повика на кревање на ембаргото. Тој, исто така, ги повика САД да и ја вратат земјата на Куба, што се користи за американска военопоморска база во заливот Гвантанамо на Куба, пренесоа американските медиуми.
Кастро посочи дека ги поздравува промените преземени од администрацијата на Обама, што дозволуваат обновување на летовите меѓу САД и Куба, како и промените во телекомуникациската сфера, но повторно истакна дека ембаргото е едно од најголемите пречки пред економскиот развој на Куба и благостостојбата на кубанскиот народ.
Раул Кастро призна дека меѓу двете земји има длабоки разлики кои никогаш нема да исчезнат, дополнуваат британските медиуми. Тој посочи дека САД и Куба треба во пракса да го применат искуството на цивилизираното сожителство.
Двајцата лидери го разгледале и прашањето за продлабочување на соработката во превенцијата од вирусот Зика.
Паралелно со средбата меѓу Обама и Кастро во Хавана се одржа и средбата на првите луѓе на дипломатите на двете земји – Џон Кери и Бруно Родригес, пренесе ТАСС.
На неа Куба го постави својот услов за целосно нормализирање на односите со САД, а тоа е укинување на ембаргото и враќање на територијата, на која се наоѓа военопоморската база во Гвантанамо.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.