Комисијата за политички систем денес не ја одржа својата седница заради неприсуството на госпоѓата Катица Јанева. За денешната седница госпоѓата Катица Јанева доби уредна покана, иста онаква каква што добиваат сите избрани и именувани лица кои според Законот имаат обврска да поднесат Извештај за својата работа пред Собранието на Република Македонија, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Во продолжение следува интегрален текст од прес-конференцијата на Владимир Ѓорчев, претседател на Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците.
Со жалење можам да констатирам дека ова, веројатно, е прв случај во демократската и плурална историја на Република Македонија едно избрано или именувано лице да НЕ се појави и да НЕ го образложи Извештајот за својата работа и за работата на институцијата што ја раководи.
Денес, јас како претседател на Комисијата за политички систем не добив НИКАКВО известување дека госпоѓата Катица Јанева не е во можност и дека нема да дојде на денешната седница, иако интересот кај пратениците е голем и очигледен.
Нејзиното денешно недоаѓање на седница на Комисија и нејзиното недавање известување или образложение дека нема воопшто да се појаваи е целосно непочитување на институциите на Република Македонија, на Собранието на Република Македонија. Најзначајно, ова е целосно непочитување на Уставот на државата.
Република Македонија е парламентарна демократија и сите избрани и именувани лица носат одговорност пред Собранието на Република Македонија. За жал, денес госпоѓата Катица Јанева се стави и над Собранието и над Уставот на Република Македонија.
Да потсетам, пред ова Собрание еднаш годишно извештај за својата работа поднесува претседателот на Република Македонија, еднаш месечно, на седница за пратенички прашања присуствува и дава одговори премиерот со сите министри во Владата.
Секојдневно на нашите пленарни и комисиски седници присуствуваат и даваат одговори сите министри, заменици министри, државни секретари.
Пред ова Собрание и неговите работни тела извештај и одговорност даваат претседателите на Републичкиот судски совет, Советот на јавни обвинители, Народниот правобранител.
Пред ова Собрание извештај поднесуваат и сите амбасадори на Република Македонија.
Пред ова Собрание доаѓаат и поднесуваат извештај претставници на сите регулаторни комисии, органи и агениции.
Никој нема право да се стави над Уставот на државата и над Собранието на Република Македонија.
Очекував дека госпоѓата Катица Јанева е свесна за својата одговорност и свесна дека конечно мора да почне да работи врз база на законите и Уставот.
Жалам што денеска не ја искористи можноста да дојде пред пратениците, како избраници на граѓаните и да даде целосен и прецизен извештај за својата работа.
На овој начин госпоѓа Катица Јанева дозволува да биде разбрано дека таа не работи ниту според Устав, ниту според закони.
Нема причина да се плаши и да не доаѓа во Собранието ако сите нејзини постапки се законски и се темелат на факти и докази.
Бегањето од Собранието е бегање од себе и од обврската да поднесе Извештај.
Ве информирам дека седницата на Комисијата за политички систем ја закажав да се одржи утре во 11 часот во истата сала. Покрај тоа што веќе е упатена формална и писмена покана до госпоѓата Јанева, дозволете ми и пред очите на целата јавност да ја поканам и да ја повикам да си ги исполни своите уставни и законски обврски и да биде присутна на утрешната седница.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.