| четврток, 6 декември 2018 |

Објавена „Седумцрквие“, готскиот трилер од чешкиот писател Милош Урбан

Издавачката куќа „Антолог“ го објави романот „Седумцрквие“, готскиот трилер посветен на Прага од чешкиот писател Милош Урбан. Преводот на македонски е на Драган Георгиевски.

fa12cf14-26e6-476d-a7a6-f21d6cddf87b

„Седумцрквие“ е мрачен трилер за Кветослав Швах и за тоа како тој е поврзан со убиствата во седум катедрали во Прага. Над Прага се спушта сенката на есента, додека по таен принцип почнуваат да умираат луѓе. Одговорноста паѓа врз невиниот – човек без работа и без иднина, само со способност што не знае да ја материјализира и со љубов кон градот што му умира пред очите. Над оваа серија од седум цркви и ужасни убиства пливаат низа прашања. Кој е убиецот, а кој жртвата? Кој е виновен, а кој затворил очи? Кога се изместила историјата и кога пак ќе си го најде патот?

Со оваа книга, преведена на десет јазици, Урбан се прославил како „црниот витез на чешката литература“, а самата книга од критиката била прогласена за „ремек-дело на модерната готика“.

Милош Урбан (роден 1967) е еден од најзначајните и најчитани чешки прозаисти. Дел од детството го поминал во чехословачката амбасада во Лондон. Откако дипломирал на катедрата за англистика и нордистика во Прага, една година стажирал на Универзитетот во Оксфорд. Од 1992 работи како уредник во неколку издавачки куќи. Во последно време се посветува на драматиката и на сценаристиката.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top