| четврток, 6 декември 2018 |

ГРОМ поднесе кривична пријава за Оливер Спасовски

Stevco-Jakimovski-GROMГраѓанската опција на Македонија (ГРОМ) информира дека поднела кривична пријава против министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски за две кривични дела.

– Во една сталожена тридневна консултација со правни експерти одлучивме да поднесеме кривична пријава против министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, и тоа за сторени две кривични дела. Едното кривично дело е за злоупотреба на службената положба и овластување, а другото е сторено според законот за спречување на судир на интереси, истакна на денешната прес-конференција претседателот на ГРОМ Стевчо Јакимовски.

Како што потенцира, според тековната состојба на СДСМ, покрај Зоран Заев, Спасовски е овластено лице во партијата и генерален секретар, со полни права и обврски, а оти во исто време се јавува како овластено лице во МВР, исто така со полни права и обврски.

– Злоупотребата со искористување на службените должности и овластувања е извршена затоа што во својство на службено лице се водел од лични и политички интереси во организирањето на протестот. Извршил злоупотреба со пречекорување на службените овластувања затоа што на ден 15 март 2016 организирал приватна партиска забава или протест во кој што и самиот учествувал, потенцира Јакимовски.

Додаде дека во протестот организиран од СДСМ, министерот Спасовски како обезбедување го користел кадровскиот, техничкиот и логистички капацитет на МВР, каде што тој е во функција на прв човек на институцијата, со што сторил повреда на кривичниот законик, член 353, став 1, за што, како што рече, е предвидена казна затвор од 6 месеци до 3 години.

– Министерот Спасовски направил прекршок и според Законот за спречување на судир на интереси член 5, став 1 кој гласи: службено лице, при извршување на јавните овластувања и должности не смее да се раководи од лични, семејни, верски, политички и етнички интереси, притисоци и ветувања од претпоставениот, рече Јакимовски.

Одговарајќи на поставените новинарски прашања, Јакимовски, истакна дека мирниот собир организиран од ГРОМ, уредно бил пријавен во МВР на локацијата меѓу АЕК и Обвинителството, а тоа што министерот Спасовски, како што рече, нема капацитет да обезбеди мирен собир на граѓани, е негов проблем.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top