Четири години пред неа и уште три по неа, Македонија не успева да влезе во евровизиското финале. Го има ли Kaлиопи она што го бара евровизиската публика?
Според Калиопи и според Македонската радио-телевизија, да, годинава е вистинското време да се врати. Тоа, велат, го потврдуваат многубројните пораки што пристигнале на нејзината адреса и на адресата на МТВ. Евровизиските обожаватели и новинарите што го следат настанот, со години прашувале кога Македонија повторно ќе им ја прати Калиопи.
– Толку години наназад секогаш допираат до мене гласовите „Врати се, врати се, врати се…“ и на крај тоа беше толку силно и моќно, што кога Македонската радио-телевизија ме повика повторно да ја претставувам Македонија, не можев да кажам не – вели Калиопи.
Вели, со голем мерак се враќам! Љубовта и почитта од нејзините обожаватели што ја чувствувала во Баку, сака повторно да ја почувствува. Оди без никакви очекувања бидејќи така секогаш е подобро.
– Се радувам најмногу за обожавателите, се радувам за сите оние прекрасни луѓе од вашиот професионален свет, новинарите, кои уште тогаш во Баку ми искажаа многу љубов, многу почит, многу внимание и, секако, заради песната. Песната е таа што ќе ме носи понатаму. Дона! – вели Калиопи.
Eвровизиската кампања во 2012 година ѝ овозможи на Калиопи да се запознае и да се поврзе со многубројни музички новинари и публика во Европа. Таа патуваше во Холандија, Белорусија, Украина, во балканските земји. Создаде и база на евровизиски обожаватели, за кои и таа и МТВ сметаат ќе бидат многу битни за овогодинешното претставување.
Пејачката додава дека обожавателите се најважниот сегмент во кариерата на еден уметник, на еден пејач.
– Моите обожаватели се целосно луди обожаватели, јас го знам тоа, но како може да не се луди кога јас самата сум условно речено, луда. Сето она што го живеам и што го творам го правам со многу страст и со многу ризик и, секако, без очекувања бидејќи кога човек оди без очекувања е понаградуван од животот, така што, ете, постојам за нив, творам за нив и среќна сум што ги имам – вели таа.
Во својот тим, како композитор и аранжер, Калиопи повторно го има поранешниот сопруг и доживотен музички соработник, Ромео Грил. Вели, јас сум пример зошто треба да останете во добри односи со своите поранешни.
– Иако Ромео на почеток се противеше, го убедив. Тој секогаш мора да се соочи со моментот што го имам со Македонија, а и тој го има, така тука што нема двоумење. Одиме уште еднаш, одиме да го потврдиме она што во 2012 година им го оставивме како трага, како печат, сега одиме да ја земеме потврдата за сето тоа. Имаме песна, имаме! – се смее Kaлиопи.
Кога првпат ја слушнала мелодијата за „Дона“, вели знаела кој текст ќе ѝ прилега. Тоа е силна песна, со толку голема порака, универзална порака која секој ќе ја разбере, а и секој треба да си ја протолкува на свој начин.
– Порака која обединува, која има за цел едноставно да нè потсети на сите оние моменти во животот кога треба да сме благодарни за сето она што самиот живот со себе го носи и на некои фигури во нашиот живот кои оставаат бесценета трага, а и, секако, на онаа една која одозгора сите нè гледа и нè чува. Значи, има универзална порака, иако јас секогаш велам остави ги луѓето сами да си ја пронајдат својата лична приказна. Како и да е, за секој од нас има некаде некоја Дона – вели Калиопи.
Евровизискиот пат само што започна. Калиопи ја промовираше „Дона“ дома, а сега следуваат сите промотивни чекори како и секоја година. Во Копенхаген, Данска, вели, оди подготвена и сигурна во себе.
Кај македонската публика, пак, одамна е спласната еуфоријата и прашината која некогаш се креваше за евровизискиот фестивал. Во анкетата што лани ја спроведе МРТВ голем дел од испитаниците одговорија дека воопшто и не треба да учествуваме, но многу поголем процент беа комбинираните гласови на оние што сметаа дека треба да учествуваме, но имаа различно гледиште за тоа како да го избираме претставникот.
„Евровизија 2016“ засега е без скандал, но до мај има време за сè.
Попова: Ако се прашувам јас, секоја година би ја праќале Калиопи
За уредникот на културно-уметничката програма на МТВ, Мери Попова, која години наназад е дел од евровизискиот тим, Калиопи е вистинскиот избор годинава. Попова вели дека имаме и други интерпретатори, но сите сме сведоци дека „Евровизија“ ја сака Калиопи.
– Ако се прашувам јас, секоја година би ја праќала Калиопи, затоа што, навистина, е извонреден професионалец со толку моќен глас што навистина плени. Бев со неа во 2012 година во Баку, знам што се случуваше таму, сите бевме сведоци на тој нејзин незаборавен настап. Оттогаш, па еве четири години наназад, сите медиуми што се присутни на „Евровизија“, па дури и од самата продукција, од ЕБУ, ни ја бараат Калиопи да се врати назад. Бидејќи, знаете како, тоа е неповторлив вокал што знае да се претвори од најнежно, суптилно суштество во вистински ѕвер, во лавица на сцена. Такво нешто не е воопшто за потценување. Не дека немам, имаме и други интерпретатори, но оваа година мислам е вистинско време Калиопи да се врати на евровизиската сцена, додека сите уште ја бараат и додека уште им ѕвони тоа „Црно и бело“ од 2012 година, се надевам дека од ова година „Дона“ ќе го добие тој примат – вели Попова.
За Попова, „Дона“ е моќна и извонредна песна.
– Jaс сум воодушевена, и како музичар, и како професионалец, ова е хит, достоинствена композиција која прави да се чувствувате возвишено – смета Попова.
Македонските пласмани во изминатите осум години:
2008 Тамара, Адријан и Врчак, „Во име на љубовта“ – 10. место во полуфинале, без пласман во финале
2009 „Некс тајм“, „Нешто што ќе остане“ – 10. место во полуфинале, без пласман во финале
2010 Ѓоко Танески, „Јас ја имам силата“ – 15. место во полуфинале, без пласман во финале
2011 Влатко Илиевски, „Русинка“ – 16. место во полуфинале, без пласман во финале
2012 Калиопи, „Црно и бело“ – 9. место во полуфинале, 13 место во финалето
2013 Есма и Лозано, „Пред да се раздени“ – 16. место во полуфинале, без пласман во финале
2014 Тијана Дапчевиќ, „To the sky“ – 13. место во полуфинале, без пласман во финале
2015 Даниел Кајмакоски, „Autumn leaves“ – 15. место во полуфинале, без пласман во финале
Разговараше: Марина Костовска
Фото: Александар Ивановски
(Текст објавен во 184. број на неделникот „Република“, 11.03.2016)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.