Театар Комедија синоќа ја одигра премиерата на претставата „Вардарски пастуви“ во режија на Синиша Евтимов. Претставата е наменета за публика над 17 години, а станува збор за скопска маалска банда која седи и не прави ништо. Нивното нефункционирање во средината не се должи на нивната неспособност, туку на нивната инертност и на тоа што не сакаат да се потрудат и да направат нешто повеќе со себе во животот. Се интересираат само за фудбалскиот клуб „Вардар“ и за фудбалот. Во момент на апатија и незаинтерсираност, во оглас во весник наоѓаат интересна понуда за работа-машки стриптиз. На крајот од претставата тие изведуваат машки стриптиз каде што ќе се соблечат до гола кожа.
Играат Атанас Атанасовски, Валентин Костадиновски-Тино, Жарко Димоски, Илија Илиоски, Столе Мицов, Едмонд Сотир, Крсте Јовановски и Јелена Жугиќ. Изборот на музика, превод, адаптација и режијата е на Синиша Евтимов, а кореографијата е на неговата сестра Саша Евтимова, која дебитира во театарска кореографија. Сценографијата е на Милан Несторов, а костимографијата е на Александар Ношпал.
„Вардарски пастуви“ е според филмот „Фул монти“ од Симон Буве и „Дамите бираат“ од Ентони Мекартен и Стивен Синклер и скопски урбани легенди, вели Евтимов.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.